Американската штафета постави светски рекорд

Американската женска штафета 4х100 метри успеа да постави нов светски рекорд минувајќи ја патеката за време 40,82 секунди.

Штафетата на САД беше во состав Тиана Мадисон, Алисон Феликс, Бјанка Најт и Кармелита Џетер. Тие имаа фантастични измени на штафетата и успеаја да ги совладаат големите ривалки од Јамајка, кои беа второпласирани со резултат 41,41 секунди. Третопласирана беше штафетата на Украина со време 42,04 секунди.

Американските спринтерки имаат дополнителна причина за славење со оглед дека го урнаа рекордот на Источна Германија (41,37 секунди) стар 27 години, а последен пат освоија злато во оваа дисциплина на домашен терен, на Олимписките игри во Атланта 1996 година.

- Реклама -