Јусеин Болт и Карл Луис во вербална војна

Јусеин Болт доминира и на овие Олимписки игри, успевајќи да ги одбрани златните медали од Пекинг и на 100 и на 200 метри. Олимпискиот шампион во моментите на славје и еуфорија најде време и да влезе во отворена војна со Карл Луис, упатувајќи жестоки критики на адреса на поранешниот атлетичар.

Коментарите на Болт доаѓаат како одговор на обвинувањата на Луис, кој на два месеци пред Олимписките игри изрази сомнеж дека атлетичарите од Јамајка се допингуваат, напоменувајќи дека „тие немаат редовни контроли во својата земја, за да се знае кој од нив зема недозволени средства“.

„Некои од вас ќе го сметаат ова за контроверзно, но јас едноставно морам да го кажам. Повеќе немам никаква почит за Карл Луис. Начинот на којшто тој говори за спринтерите се понижувачки за еден спортист. Мислам дека Луис само бара начин да се најде во центарот на вниманието, бидејќи повеќе никој не зборува за него. Тој ги обвини сите спортисти од мојата земја за допинг, што е страшно. Веќе воопшто не го почитувам како човек, воопшто. Ние напорно работиме за да стигнеме до врвни резултати, не сакам кога некој сака да ни стави дамка врз успесите“ истакна Болт на прес-конференцијата по триумфот на 200 метри.

- Реклама -