Како Ал Капоне ја доби лузната

scarface

Пред лузната

Алфонс Капоне е роден на 17 јануари 1899 во Бруклин, како средно дете во голема италијанска мигрантска фамилија. Семејството константно се селело низ Бруклин, само за да може да ја плаќа киријата. Проблемите ќе придонесат во тоа ова прилично бистро дете (кога всушност одел во школо, Ал Капоне имал просек 4, што тогаш било многу потешко од денес) да бега од школо и да стане млад бунтовник, немирко и криминалец. Неговиот легендарен темперамент јасно се гледал уште кога Ал имал 14, кога го удрил учителот за кој сметал дека неправедно му држи лекции по однесување. Набрзо и официјално ќе го напушти училиштето, како и неколку од неговите браќа. На почетокот ќе работи и неколку чесни работи – во продавница за слатки и бонбони, во куглана, а и книговезец. Сепак, тоа нема да трае долго, а веќе на 15 или 16, Ал се приклучува на својата прва банда – South Brooklyn Rippers. Подоцна ќе биде примен и во уште попрестижна банда – Forty Thieves Junior – банда која е практично подмладок на озлогласената Five Points Gang.

Поновата верзија на оваа инаку главно ирска банда (која е опишана во филмот од 2002 – „Бандите на Њујорк“), била составена главно од италијански-Американци и била водена од Пол Кели. Неговото вистинско име било Паоло Антонио Вакарели, но го сменил за да не изгледа толку италијанско. Кели бил шармер, опасен момак и многу вешт боксер, до толку што набрзо заработил доволно пари за да отвори свои бизниси – воглавно бордели и коцкарници. Во неговите локали често доаѓале угледни фаци и политичари, а за дел од нив тој и ќе спроведе кампања, погрижувајќи се дека „правите луѓе“ ќе бидат избрани на изборите. Во 1903 ќе оди во затвор на 9 месеци, по што ќе ја отвори „Атлетската асоцијација Пол Кели“ – практично теретана во која младите учат да боксуваат, но и регрутен центар за следната генерација на ганстери, меѓу кои и Мејер Лански, Багзи Сигел, Френки Јејл и Ал Капоне.

Баш Френки ќе го регрутира Ал Капоне за Five Point-терите. 6 години постар од Ал, се прочул во тепачката во која тој и уште двајца претепале цела билијард сала само со билијард стап и билијард топки. Исто така, Јејл знаел дека клучот за тоа да се биде добар криминалец е пред сé да се биде добар бизнисмен, па така и ќе влета во бизнисот со мраз (тогаш немало замрзнувачи во секој дом, па мразот бил голем бизнис), а притоа, се разбира, и ќе им продава „заштита“ на другите  во истиот бизнис и ќе го шири своето влијание на нови територии. Така ќе собере доволно пари за да го отвори Хардвард Ин на Кони Ајленд, локал во кој ќе го вработи Ал Капоне да му биде „избацувач“.

Харвард Ин бил стратешко место, дури и без Јејл да го знае тоа. Лоциран помеѓу Surf и Boardwalk, Хардвард Ин имал ексклузивен пристап до водата, што подоцна ќе му овозможи и ексклузивен пристап до поморските шверцери на алкохол, за време на Прохибицијата (која почнува 3 години подоцна, во 1920). Благодарение на големата среќа во изборот на локацијата, Френки ќе стане екстремно богат за многу кратко време.

Да се биде избацувач во Харвард Ин подразбирало да се има одреден тип на „финеса“. Работата морала да се извршува тактично и со авторитет, но без прекумерна доза што би ги пишманила муштериите што сакале да се вратат. Капоне бил особено добар во работата, па станал и „чирак“ на Јејл. Френки бил бизнисмен – правел сé што прават мафијашите, но тоа го сметал за бизнис, а кога требало некој да биде претепан или убиен, Френки најмувал други луѓе да го прават тоа за него. Меѓу нив, понекогаш се наоѓал и Капоне.

Лузната

Во раниот август во 1917, Њујорк бил опфатен од топлотен бран. За да избегаат од жештината, многумина доаѓале да се разладуваат на плажите на Кони Ајленд, а со тоа и во Хардвард Ин. Меѓу нив ќе биде и еден мал, набиен локален силеџија по име Френк Галучио. Во барот тој ќе влезе со неговата девојка Марија Танзо под едната рака, и неговата помлада сестра Лена – под другата. И покрај гужвата, тогаш 18-годишниот Капоне ќе ѝ фрли око токму на Лена, а набрзо и ќе ѝ пријде, поканувајќи ја да прошетаат по плажата. Наводно таа рекла „Не“ и Ал се оддалечил од гостите, но продолжил да ја гледа. Малку подоцна, уште еднаш ѝ ја упатил истата покана, а таа се пожалила кај својот брат дека вратарот ја засрамува, но барајќи од него да го реши проблемот на „фин начин“. Галучио, знаејќи дека може да настанат проблеми, ги испратил дамите да го почекаат надвор, ама на излегување, Капоне истапил и најклошарски ѝ се обратил на Лена: „Морам да ти кажам нешто, имаш добар г’з маче, и го мислам тоа како комплимент“. Галучио збеснал и веднаш барал извинување, ама Капоне немал намера да се извинува, правдајќи се дека тоа е само шега.

Како и во обична маалска тепачка, и тука ситуацијата ескалира. Галучио – висок само метар и 67 сантиметри во обид да се пресмета со широкиот Капоне – висок 180 сантиметри, ќе извади нож и ќе му нанесе три посекотини на лицето и горниот дел од вратот. Ал ќе падне на подот, во локва крв, а Галучио ќе избега од Харвард Ин. Во болницата, Капоне ќе добие 80 конци и ќе му биде кажано дека лузните ќе му останат засекогаш.

По лузната

Во меѓувреме, Галучио се плаши за својот живот, бидејќи знае што и кому му направил. Се случува најлошото – Френки Јејл го повикува на средба во Харвард Ин, средба на која ќе присуствува и Ал Капоне… Така седнати, Јејл ќе ја заврти главата на Капоне, покажувајќи му ги лузните – истите тие што ќе му го донесат прекарот „Скарфејс“ – на Галучио, а овој пак ќе почне да се правда, мислејќи дека следното што ќе го направат е дека ќе го убијат. Ама Јејл е бизнисмен и нема намера да го повреди локалниот ситен мафијаш – напротив, тој има намера максимално да профитира од ситуацијата. Така, ќе му нареди на Галучио да му плати оштета од 1500 долари на Капоне (тогаш во вредност од околу 27.000 денешни), а во замена да добие ветување од Капоне дека овој нема да се одмаздува. Згора на тоа, парите што ќе му ги плати на Ал да бидат позајмени од Френки лично, со цел да добие и камата и да го задолжи Галучио. Двајцата ќе се согласат со понудата (Галучио без многу избор) и работата е средена. Лузните, сепак, остануваат.

Понатаму низ животот, Капоне ќе тврди дека лузните му се нанесени додека се борел во Франција за време на Првата светска војна и ретко признавал дека всушност така заканувачкиот прекар го добил во тепачка во бар, и тоа со помал и послаб противник, единствено заради глупав коментар за неговата сестра.

- Реклама -