Приказната за Герит Кејсер, летечкиот холанѓанец

gerit1

Сите го знаеме „Нелетечкиот Холанѓанец“ Денис Беркамп, но дали сте знаеле дека 65 години пред Беркамп да заигра на Хајбери, Герит Кејсер бил првиот странец кој заиграл во Англија и токму тој бил оригиналниот „Летечки Холанѓанец“.

Кејсер, кој е легенда на Ајакс, ја започнал својата голманска кариера за клубот од Амстердам на 16 години, а дебито во првата лига му било на 1 април 1929. Првите неколку години во Ајакс ги поминал на клупата како замена. Во 1930 се преселил во Англија за да си го подобри англискиот јазик и заиграл за Маргејт како аматер. Во тоа време фудбалскиот клуб Маргејт бил неофицијална „академија“ на Арсенал, па набрзо Кејсер бил забележан од Чепман. Тој го донесол Кејсер директно во првиот состав во сезоната 1930-31, во која ги одиграл првите 12 натпревари. Неговото деби за Арсенал било на гостувањето кај Блекпул на 30 август 1930, натпревар кој Арсенал го добил со 4:1, а бранел и на победата на Арсенал во Черити Шилд натпреварот против Шефилд Венздеј.

gerit5

Кејсер бил првиот странец кој заиграл во Англија, претходно обидот на Чепман да го ангажира австрискиот голман Руди Хиден, летото 1930, бил блокиран од Министерството за Труд на Британија. Кога Хиден стигнал во Довер, не му бил дозволен влез во земјата под притисок на Фудбалската Асоцијација која се плашела дека странските играчи ќе ги загрозат домашните таленти. Затоа Чепман го ангажирал Холанѓанецот, бирократите повторно се бунеле, но бидејќи Кејсер веќе играл во Англија, а и поради фактот што бил заведен како аматер, ФА не можела да направи ништо. Но на 1 јуни 1930 донеле ново правило со кое се забрануваат странски играчи кои претходно не живееле најмалку две години во Англија, правило кое важело до 1939.

gerit4

Бидејќи за Арсенал играл како аматер, Кејсер официјално бил заведен како играч на Ајакс. По саботниот натпревар во Англија, тој или вечерта или следното утро фаќал авион за Холандија, каде во недела играл за резервниот состав на Ајакс. Поради неговите редовни прелети на Ламанш, од соиграчите и Англиските медиуми го заработил прекарот „Летечкиот Холанѓанец“.

Поради честите грешки, на сите натпревари на кои бранел примал барем по еден гол, и фактот што Чепман во составот ги имал Бил Харпер и Чарли Приди, Кејсер бил сменет во Октомври по што не заиграл повторно во првиот тим. Го напуштил Арсенал во јули 1931, по што играл во Чарлтон и Квинс Парк Рејнџерс.

Во 1933 се вратил во Амстердам и ги поминал следните 15 години, и покрај војната, како прв голман на Ајакс со вкупно 302 настапи. По војната, Ајакс се нашол во финансиска криза, клубот не можел да купи ни дресови за играчите. Кејсер отишол во Лондон за да побара помош и Арсенал со задоволство му донирале комплет дресови и неколку фудбалски топки, па Ајакс во првите години по војната играле со дресови од Арсенал (неговата сопруга помагала во перењето на дресовите и при една несреќа создала црвен дрес со розови ракави). Во следните две години Кејсер повторно редовно летал преку Ламанш, но во 1947 бил фатен како шверцува банкноти скриени меѓу дресовите, бил казнет со 30,000 гулдени и 6 месечен притвор, што било и крај на неговата фудбалска кариера.

Во музејот на Ајакс, висат копачките на Кејсер како потсетник за 15 годишната кариера меѓу стативите. Потсетник за тесната врска меѓу Арсенал и Ајакс која ја создал токму Кејсер е дресот на Арсенал со розови ракави кој е изложен во истиот музеј.

gerit2 gerit3

Напиша: Диана Николовска (Арсенал Македонија)

- Реклама -