22-ка во време на пандемија (ФОТКИ)

Релативно раните и радикални мерки на Владата против коронавирусот досега вродуваат со плод, или барем делумно, судејќи по изјавата на министерот Филипче дека кривата на заразени во земјава е нешто поблага во споредба со другите земји. Сепак, на друштвените мрежи и во медиумите постојано гледаме примери што нѐ тераат да се запрашаме дали и до кога кривата ќе остане „блага“. Дел од тие примери директно се поврзани и со мерките против ширење на Ковид-19.

Една од мерките беше и редуцирање на јавниот градски превоз, прво заради тоа да се намали движењето на граѓаните, а потоа и затоа што е намалено движењето на граѓаните. Но, на терен не е баш така.

Денеска на Фејсбук групата „ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕ И ТРУЕЊЕ НА НАРОДОТ!!!“ објавени се фотографии од една автобуска постојка во главниот град. Се работи за автобус со број 22, кој поради редуцираниот возен ред е преполнет со патници.

„22ка редуциран превоз! САРДИНИ ВНАТРЕ, два автобуси по ред двата полни!!“, пишува Б.А., кој ги објави фотографиите.

Снежните кровови во позадина потврдуваат дека ова се случува денес, ден откако во земјава стапи на сила полициски час во периодот од 21 до 6 часот.

- Реклама -