Венгер бара најмалку 30 милиони фунти за Ван Перси

Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, истакна дека нема да дозволи Робин ван Перси да си замине ова лето од „Емирати“ за сума помала од 30 милиони фунти.

Тоа е условот за Венгер да му дозволи на Холанѓанецот да си замине од клубот, со оглед на тоа дека Ван Перси веќе покажа интерес за трансфер во друга средина, не продолжувајќи го договорот со Арсенал кој му истекува идното лето.

Менаџерите на двата клуба од Манчестер, сер Алекс Фергусон и Роберто Манчини се веќе на вратата на Ван Перси, му нудат да прејде во Јунајтед или во Сити, а засега Арсенал ја одби првата понуда од „Црвените ѓаволи“. Манчестер јунајтед испрати понуда вредна 20 милиони евра за ангажман на холандскиот напаѓач, но тоа не е доволно за Арсенал да се согласи да го продаде.

„Робин ван Перси за мене е најдобриот напаѓач во Премиер лигата, можеби и најдобар во светот и клубот што сака да го има ќе треба да плати најмалку 30 милиони фунти. Секако, ние уште сакаме да остане во Арсенал и да потпише нов договор со клубот“ изјави Арсен Венгер.

Сепак, ова е малку веројатна опција, а Ван Периси би можел да замине во шампионот Манчестер Сити, доколку во спротивна насока замине Един Џеко, а „Граѓаните“ ќе треба да доплатат и уште неколку милиони.

- Реклама -