Како да ги преживеете пеколните горештини

Деновиве сме сведоци на тропски температури кои го зафатија нашиот регион. Ви нудиме неколку практични совети кои мора да ги имате предвид.

Носете светла и тенка облека

Светлата облека е најпрепорачлива во овие топли денови. Црната облека можеби ви стои добро, но заборавете ја додека температурите се над 30-от степен. Важно е и да носите тенка и комотна облека. Внимавајте на материјалот од кој е изработена, некои не ја пропуштаат пареата од потењето и можат да предизвикаат проблеми за телото како прекумерно потење, дехидратација па дури и шок.

Шешир и очила

Овие реквизити секогаш нека се со вас. Не излегувајте на улица без да ги заштитите очите со очила за сонце, но и шешир кој е доволно голем да го спречи директното сонце врз вашата глава.

Сок од домати

Се чини дека идеалниот сок за ова време е сокот од домати. Одличен е, полн е со сè што ви е потребно за рехидрација, чистење на телото, но и ослободување од несаканите миризби.

Во лето, телото работи на вода

Да, ова не треба да ви го спомнуваме, бидејќи сигурно веќе ви е јасно колку само вода му е потребно на телото за време на овие горештини. Во лето водата од телото се губи буквално од секаде. Затоа мора да внесуваме многу вода. Најдобро е доколку сте излезени надвор во текот на денот шишенцето со вода секогаш да ви биде при рака и редовно да го употребувате.

Лесна, водеста храна

Немојте ни да помислувате на печено месо, хамбургери и слични јадења додека одите и се потите низ пеколното топло време и загадениот воздух од градскиот сообраќај. Со тоа само ќе ја усложните и онака сложената ситуација. Консумирајте супи, чорби и слични јадења кои се многу течни. Консумирајте течни оброци по неколкупати дневно. Со ваквиот начин на исхрана ќе го рехидрирате телото, ќе го одржите варењето во форма и ќе си помогнете себеси во пребродувањето на претоплиот ден.

Постепено со сончањето

Да, се криевте и заштитувавте од сонцето додека работевте, сега се спакувавте, отидовте на одмор и веќе сонцето не ви е непријател, веднаш ја земате лежалката и се местите за да се сончате. Ова е многу погрешно и многу опасно. Изложувајте се на сонце полека во мали интервали кои постепено ќе ги зголемувате. Дозволете ѝ на кожата да произведе доволно меланин за да ве заштити.

Рецепт за ревитализација на кожата

Доколку сакате да ја зачувате кожата барем додека сте на одмор, барем еднаш неделно премачкајте ја со смеса од две третини маслиново масло и една третина лимонов сок.

Морковот ќе ве штити

Доколку сакате да го задржите тенот и да се заштитите од сонцето, неколку свежи моркови на ден секогаш нека ви бидат при рака!

Постелнина која ве лади

Ленената постелнина е правилен избор, или некој друг вид тенки чаршафи, но никако не користете класични ќебиња.

Низ топлото пешачете многу бавно

Не би требало да пешачите во периодот од 10 до 17, но факт е дека понекогаш е неопходно.Не брзајте. Одете многу полека, застанувајте и периодично рехидрирајте се. Немојте да брзате или трчате, бидејќи цената за тоа можете многу брзо да ја платите.

Јадете лубеница

Лубеницата е овошје кое веќе започнува да го преплавува пазарот. Одлична е за рехидрација, му дава и доволно храна на телото бидејќи содржи шеќери, а освен тоа некои научници сметаат и дека таа го зголемува либидото. Кога подобро ќе погледнете, таа е идеалното овошје кое ви е потребно.

Избегнувајте какво било движење во периодот од 10 до 17 часот. Особено треба да внимаваат лицата со покачен крвен притисок и други хронични болести. 

Објавено во соработка со За Здравје.

- Реклама -