Местата што ги промашуваме кога ставаме крема за сончање

Ги правите сите неопходни подготовки за на плажа, нанесувате крема за сончање со заштитен фактор 15 и мислите дека сте безбедни под жешкото летно сонце. А всушност…

Експериментот спроведен од Cancer Research и MailOnline покажува дека не е сé така едноставно. Не се работи само за заштитата што ја користите, туку и за начинот на кој ја користите. Тоа јасно се гледа од следниве фотографии, снимени со камера што регистрира ултравиолетова светлина. Колку потемна е кожата на фотографијата, толку помалку УВ зраци се апсорбирани, што значи заштитата е подобра.

Како тест-субјект во експериментот послужила новинарката Џени Аг, помогната од Џастин Хекстал – консултант дерматолог во една британска болница. Резултатите се, во најмала рака, интересни.

 

НАВЛАЖНУВАЧ ЗА КОЖА СО ЗАШТИТЕН ФАКТОР 15

Оваа фотографија покажува колку е лесно да промашите одредени области кога се мачкате, особено границата на косата, образите и околу очите. Д-р Анџали Махто, дерматолог во Британската фондација за кожа, предупредува дека канцерите на кожата можат да се развијат и на скалпот. Мажите со пократка коса се особено ранливи и препорачливо е секогаш да носат капа. Д-р Хекстал пак, советува навлажнувачот за кожа да се користи во комбинација со основна крема за сончање. Аргументот е дека шансите се големи да нанесете крема на областите што сте ги промашиле со навлажнувачот – околу носот или под очите, на пример.

КРЕМА ЗА СОНЧАЊЕ – ФАКТОР 25

Од Британската асоцијација на дерматолози препорачуваат да нанесете барем вкупно шест полни лажички крема за сончање пред да одите на сонце, за целото тело, вклучувајќи по пола лажичка за лицето и вратот. И покрај јасните инструкции, Џени Аг, на пример, несвесно ги изостави областа под носот, како и одредени точки на образите и веѓите. Затоа, д-р Хекстал препорачува редовно нанесување на крема за сончање. На тој начин, шансите се големи дека овој пат ќе ги опфатите местата што сте ги промашиле при претходното мачкање.

ЛОСИОН ЗА СОНЧАЊЕ – ФАКТОР 20

8. P20 eyes closed.JPG

Лосионот обично овозможува добра заштита, но не смеете да го користите околу очите. Од друга страна, кремата за сончање лесно се трие и отстранува околу очите, па всушност тој регион останува прилично незаштитен. Затоа експертите ги препорачуваат очилата за сонце со УВ филтер како најдобра заштита. Друга област каде што кремата лесно се брише се усните. Д-р Хекстал препорачува нанесување на балсам за усни или кармин со заштитен фактор.

НЕВИДЛИВ СПРЕЈ ЗА СОНЧАЊЕ

5. garnier clear 2 layers.JPG

Проблемот со невидливите спрејови е што не знаете точно каде сте ги нанеле и дали сте ставиле доволно. Д-р Хекстал се сложува дека спрејовите се добра опција во заштитата на вашите деца, но смета дека користењето на спреј во боја е поефективно, бидејќи така знаете кои места сте ги пропуштиле.

КРЕМА ЗА СОНЧАЊЕ – ЗАШТИТЕН ФАКТОР 50

11. factor 50 eyes closed.JPG

Сликата говори сама за себе. Заштитата е одлична, со тоа што треба да запомните да ги покриете сензитивните области – аглите на очите, околу носот, горната усна, долната страна на рацете и зад колената.

СПРЕЈ ЗА ВЛАЖНА КОЖА – ФАКТОР 15

6. piz buin dried eyes shut.JPG

Проблемот со ваквиот спреј е што заборавате да го втриете спрејот во кожата. Уште еднаш ја нагласуваме ранливоста на пределот околу устата. Како што објаснува д-р Хекстал, кожата веројатно ќе се збрчка, бидејќи мускулите во тој предел ги користиме многу често. Затоа, потрудете се да ја поштедите од дополнителна штета предизвикана од сончевите зраци.

- Реклама -