До 2020-та Токио ќе добие такси сервис без возачи

Во Јапонија започна развојот на автономни такси возила, кои ќе функционираат без возач. Станува збор за проект на корпорацијата DeNA, која се занимава со продажба на мрежни компјутерски игри.

Јапонската корпорација DeNA, во партнерство со голем број на компании од сферата на информатичките технологии, неодамна го формираше претпријатието Robot Taxi:

„Нашиот сон е автономните такси возила да бидат достапни за Олимпијадата која во 2020-та ќе се одржи во Токио и се надеваме дека истите ќе ги импресионираат посетителите од целиот свет“, изјави Хироши Накаџима, постар заменик претседател на DeNA.

Се очекува дека секој ќе биде во можност да ја користи оваа услуга, бидејќи за истата ќе постои и апликација наменета за паметните телефони, преку која клиентите ќе можат да ја прецизираат својата локација, но и да внесат информации за саканата дестинација. Цената за возењето ќе биде автоматски наплатена, со трансакција на средства од банкарската сметка на клиентот.

Во моментов, автономни возила развиваат водечките компании во автомобилската индустрија, вклучувајќи го и јапонскиот производител Nissan. Се очекува првите модели на таквите автомобили на пазарот да се појават во текот на следните години, а се претпоставува дека ваквите возила ќе станат доминантен начин за транспорт во наредните неколку децении.

Корпорацијата DeNA верува дека за автономните такси возилата ќе има голема побарувачка. Сепак, до остварувањето на сонот треба да се помине тежок пат. Имено, поради проблеми од техничка природа, пред компанијата стои предизвик за воспоставување на успешен дијалог со членовите на јапонскиот парламент, што на крајот би значел и добивање на нивна безрезервна поддршка за целиот проект. Како и секаде во светот, државата сé уште нема законски одредби со кои ќе се регулира употребата на овие возила и процедури за утврдување на одговорност при настанати инциденти.

- Реклама -