Како да се справите со потењето во лето

Во летниот период потењето не може да се избегне затоа што телото мора да ја исфрла непотребната течност за да одржи оптимална телесна температура. Меѓутоа, може да се спречи појавата на непријатни мириси.

Користете антиперпирант

Повеќето жените мислат дека антиперспирантот е, всушност, уште еден назив за дезодоранс, меѓутоа меѓу нив постои разлика. Вистината е дека тие се производи кои се користат за неутрализирање на непријатните мириси при потењето, но антиперспирантите содржат состојки што ги блокираат порите на кожата и го спречуваат потењето, а дезодорансите само го елиминираат мирисот. Така, антиперспирантите имаат долготрајно дејство, а дезодорансите треба да се нанесуваат неколку пати во текот на денот.

Дезодоранс по ваша мерка

Антиперспирантите и дезодорансите се разликуваат и по составот. Првите се со хемиски состав, додека вторите може и сами да си ги направите од природни состојки. Сода бикарбоната помага во испарувањето на потта. Ако ја помешате со малку пченкарно брашно и неколку капки етерично масло, ќе добиете дезодоранс со омилената мирисна нота. По туширањето добро исушете ја кожата и со помош на влажна крпа нанесете ја мешавината на пазувите.

Течен дезодоранс може да направите ако помешате алое вера гел со малку вода, една лажица глицерин и неколку капки етерично масло. Добиената мешавина ставете ја во чисто шише со распрскувач и добро протресете ја пред секоја употреба.

Спреј, стик или гел

Дезодорансот во спреј е одличен за честа употреба. Многу брзо и лесно може да се освежите повеќепати во текот на денот, а тоа е особено корисно во летниот период. Геловите најчесто се проѕирни и се одличен избор ако носите црна облека и сакате да ги избегнете белите дамки на кожата. Стикот, пак, се мачка на кожата во тенок слој. Тие нудат пријатно чувство, освежувачки мирис и ја негуваат чувствителната кожа под пазувите.

- Реклама -