Животните од џунглата за прв пат се сретнуваат со огледало (видео)

Од сите животни на планетава, само неколку имаат капацитет да се препознаат во огледало. Овие фасцинантни и на моменти, пресмешни видеа, снимени од фотографот Ксавиер Хјуберт-Брир, ни ги откриваат реакциите на разните животни од џунглата откако ќе се погледнат во огледало за прв пат.

Способноста да погледнете во оглдало и да знаете дека сте вие во одразот е когнитивна вештина на која не и придаваме премногу внимание. Како луѓе, ние го развиваме тој капацитет кога сме околу 18 месеци стари, а се смета дека тоа е индикација за самосвесноста.

Други животни кои успешно го поминуваат тестот со огледало се бонобо мајмуните, шимпанзата, делфините, слоновите и некои птици. Во оние помалку успешните спаѓаат еден куп животни, почнувајќи од кучињата и мачките, а како што се гледа од видеото, ни горилите ни леопардите не се снаоѓаат баш најдобро со концептот на огледало.

Дури и животните што се способни да се препознаат, не го постигнуваат тоа веднаш. Потребно е некое време за да сфатат дека во одразот се токму тие. Но, од моментот кога ќе го осознаат тој факт, нивното претежно агресивно однесување се претвора во себенасочено однесување. Шимпанзата особено, биле фасцинирани од огледалото и набрзо почнале да го користат како алатка за визуелно да ги набљудуваат недостапните делови од своето тело.

Според Хјуберт-Брир, некои од животните почнале да развиваат и делумна зависност кон огледалото. Така, еден леопард останал крај него цела ноќ, редовно проверувајќи дали неговиот одраз (претпоставувајќи дека го сметал за партнер) е се уште таму и не си заминал. А кога огледалото било отстрането, како што вели Ксавиер, депресијата кај животните била очигледна. Снимката покажува многу од животните како скитаат наоколу трагајќи по местото каде што претходно било огледалото. „Тоа е како на едно модерно семејство да му го земете телевизорот“, вели Ксавиер.

- Реклама -