Помага ли медот против алергија на полен?

Често, на луѓето што страдаат од алергии им се советува да јадат локален мед. Според теоријата, ова ја зголемува вашата толеранција на локалниот полен. Има само еден мал проблем – медот доаѓа од цвеќињата, а вие сте алергични на поленот од дрвјата.

Цветовите создаваат сладок нектар кој ги привлекува пчелите и останатите инсекти-опрашувачи, во исто време создавајќи големи лепливи грутки од полен, кој со малку среќа ќе се залепи на нозете на инсектите за да можат да опрашат и други цветови. Точно е дека медот што пчелите го прават од нектарот можно е да содржи мали количини од овој полен.

1257885596924123023[1]

Но, ова не е поленот од кој не можете да кренете глава. Типичните предизвикувачи на алергии се тревата, јаворот и дабот, меѓу другите. Овие растенија имаат сличен дел на она што ботаничарите би го нарекле цвет, но нивните цветови се далеку од забележливи: не се големи, не се колоритни, не се миризливи и не привлекуваат пчели. Тоа е затоа што овие растенија се опрашуваат со помош на ветрот, потпирајќи се на струењето на воздухот преку кое го пренесуваат својот прашкаст полен до далечните единки од спротивниот пол. Токму овој лесен полен е оној што несакајќи го вдишувате, а е доволно ситен за да ви го иритира носот и евентуално да предизвика алергии. Сето ова оди во прилог на тоа зошто новите студии постојано покажуваат дека медот не помага при алергиите.

Се разбира, тоа не значи дека не треба да јадете (локален) мед. Не само што е здрав, туку на тој начин ги поддржувате и локалните пчелари и веројатно добивате поквалитетен продукт отколку оној фабричкиот. Сепак, ако се потпирате на медот за да се изборите со алергиите, веројатно ќе се разочарате.

- Реклама -