MG го претставува првиот сериски кросовер

Британската марка MG го искористи салонот во Шангај, за да го претстави првиот кросовер во својата историја – моделот GS.

За разлика од повеќето експонати на салонот во Кина, пред се наменети за домашниот пазар, овој има реални шанси да се појави на пазарот во Европа.

Марката MG е дел од кинескиот концерн SAIC и тоа го објаснува многу изборот на местото за деби на моделот, но и учеството на локални инженери и експерти во неговиот развој. Должината на кросоверот е околу 4.500 mm, што според креаторите е во склад со конкурентите, а како такви се наведени Hyundai ix35 и Toyota RAV4.

На пазарот во Кина производителот ќе предложи два бензински турбо мотори. Првиот со волумен од 1,5 литри развива 168 КЅ и 250 Nm, а вториот 2,0 обезбедува 220 КЅ и 350 Nm. Клиентот може да избере помеѓу 6-брзински мануелен менувач и два роботизирани менувачи со две спојки – со 6 и  7 брзини. Основната верзија на MG GS ќе се нуди со преден погон, а како опција ќе биде достапен и систем на сите четири тркала. Кросоверот ќе се појави на кинескиот пазар до крајот на годината.

Од компанијата најавија дека во почетокот на 2016 година ќе бидат доставени првите примероци за Велика Британија. Подоцна треба да стартува и снабдувањето на други пазари во Европа. По што ќе се разликува верзијата за Стариот континент засега не се соопштува.

- Реклама -