Qoros со својот прв SUV модел во Шангај

Амбициозниот кинески производител Qoros планира да го претстави својот прв сериски SUV модел на претстојниот салон Експо во Шангај, а новиот автомобил добива едноставна ознака – 2.

Кинескиот бренд покажа тизер на моделот, кој се одликува со спортски елементи, особено во изгледот на екстериерот и храбар дизајн во споредба со досегашните модели на новата компанија. Досегашните изданија на Qoros беа дело на поранешниот дизајнер на Mini, Фолкер Хилдербранд, но компанијата не објави кој стои зад дизајнот на новиот модел 2. Се уште нема информации за погонот на Qoros 2, но се појавија шпекулации дека постои можност кросоверот да добие 1,8-литарски 4-цилиндерски бензински турбо мотор со моќност од 185 коњски сили. Сериски моделот ќе се нуди со преден погон, а 4х4 ќе биде дел од дополнителната опрема.

Се очекува оваа недела Qoros 2 да биде претставен официјално на интернет, а по премиерата во Шангај, да бидат објавени и производствените планови на брендот. Најрано моделот ќе се појави на кинескиот пазар во почетокот на октомври. Марката Qoros беше лансирана на автомобилскиот саем во Женева во 2013 година и компанијата вложува сериозни напори за да застане на пазарот во Европа, но засега без особен успех.

- Реклама -