Војна помеѓу Ауди и Тојота во Франција

Eдна од најатрактивните трки која се одржува секоја година во јуни во францускиот град Ле Ман, прочуената 24 Heures du Mans, годинава за претстојниот викенд ќе го има своето 80, јубилејно издание.

Оваа трка се смета за најстара автомобилска трка за издржливост, а организатор како и на онаа првата во 1923 година е  Automobile Club de l’Ouest (ACO). Главни протагонисти во годинашново јубилејно издание ќе бидат тимовите на Ауди,  кој е апсолутен фаворит за освојување на тронот, а најголем конкурент овој пат не доаѓа од европските спортски табори, бидејќи Астон Мартин и Пежо го откажаа своето учество, туку тоа ќе биде Тојота. Не треба да се занемари ниту учеството на марки како Нисан, Лотус и Морган.

Ауди на годинешново издание на „24 часа Ле Ман“ ќе испише нова страница на мотоспортот, настапувајќи со технологија на иднината. Со рекордни десет победи во најважната трка на издржливост во светот, Ауди како најуспешен производител во поново време, ќе јуриша на својот 11-ти триумф.

Адутот на Господарот на прстените е моделот  Audi R18 e-tron quattro – прв болид со хибриден погон, комбинација на дизелски агрегат со електромотори. Со вакво револуционерно издание на патеките ќе управуваат два тима, а другите два со моделот R18 ultra. Ако ги иземеме хибридниот систем и различните дизајнин R18 e-tron quattro и R18 ultra технички се апсолутно идентични.

Бодлидите се одликуваат со ултра лесна конструкција, која е клучен фактор на успесите на производителот од Инголштад.   Од новините би го потенцирале – CFK куќиштето за менувачот, прво од ваков вид во LMP спортскиот модел. Кај Audi R18 e-tron quattro и R18 ultra го издвојуваме и извонредно ефикасниот 3,7 литарски V6-TDI мотор со Mono-VTG полнач, како и дигиталниот ретровизор Aktivmatrix-OLED-display.

Упорноста на Јапонците отсекогаш фасцинирала, па така е и со случајот со новината на Тојота, моделот TS030 Hybrid Endurance, наследник на TS010 и TS020 кои  се натпреваруваа на „24 Часа Ле Ман“ во текот на деведесеттите години на минатиот век.

Јапонците најавија голем кам-бек во трката, иако при тестирањата пред само месец дена имаа голем пех, нивниот прототип имаше голема несреќа по која болидот беше тотално уништен. Но, брзо се реагираше и болидот повторно е подготвен за најголемиот предизвик – 24 часа Ле Ман.

Дури на местото на првиот возач Хираоки Ишиура, поради сериозни проблеми со грбот е ангажиран Стефан Саразин, некогашен возач  во F1 за Toyota Motorsport GmbH (TMG). Во овој болид Тојота го вградува THS-R (Toyota Hybrid System – Racing) погонот, составен од 3,4 литарски V8 бензински мотор поврзан со хибриден систем со посебен кондензатор развиен од официјалниот тимски парнер Nisshinbo.

Јапонскиот производител го користи електричниот мотор развиен од тимскиот партнер DENSO кој ќе биде поврзан со задните тркала, бидејќи регулативите дозволуваат електричен погон само на две тркала. Прототипот TS030 има целосно нова LMP1 карбонска шасија изработена од Германската дивизија на Toyota Motorsport GmbH, со седиште во Келн.

По завршување на последниот круг од квалификациите на стартната позиција се наоѓа Audi e-tron, што е многу важно бидејќи многумина кои не веруваа во хибридната технологија веќе се уверени. Најбрз круг постави Лотерер, победникот во минатогодишната трка. Веднаш до него ќе стартува тимот без хибриден погон со додатокот Ultra, односно екипажот во кој се Дума/Дувал/Хене. Сосем оправдано на третата позиција е Тојота, што секако е голем успех, по сите перипетии, а ова остварување го постигнаа Дејвидсон/Буеми/Саразин.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -