Пет искривени кули во Европа, без Пиза

Зборовите „Искривена кула” неизменливо извикуваат во нашите умови заедно со Пиза . Но познатата градба која се претворила во амблем на овој тоскански град,  не е единствената во светот.

Самата Италија може да се пофали со прилично слични  кули . Денеска 365 возот ве шета  во  уште пет не толку познати кули во Европа, кои сепак се не помалку наклонети и  несомнено го заслужуваат вашето внимание.

Кривите кули на другите континенти се сосема друга тема. Во последните десетина години е доста модно да се градат намерно искосени кули.

Сите вклучени во овој избор, сепак се градени со цел да стигнат право кон небото, но времето и природните услови работеле во друга насока …

Црковната кула во Зурхузен, Германија

Завршена во 1450 година, кулата на Лутеранската црква во гробиштата на германското село Зуурхузен во Долна Саксонија, во близина на Балтичкото Море, е своевидна рекордерка. Тулската готска градба е висока 24,5 метри, но несигурноста и е 5,19 степени, што ја прави најголемата искривена кула во светот. Овој факт е запишан дури во „Гинисовата книга на рекорди”, иако   во 2010 година во Абу Даби беше изградена намерно коса кула со уште поголемо искривување.

Кулата во Невјенск, Русија

Изградена е во 1732 година по иницијатива на Урал Демидов. Злобните јазици велат дека не е природно навалена, а Демидов знаел за кулата во Пиза, па  исто сакал да поседува ваков егзотичен објект. За ова место постои уште една морничава урбана легенда – дека во подрумот на кулата имало работилница за сребрени монети, која пред посетата на некој владин ревизор била потопена заедно со работниците во неа. Денес нема никакви зандани под кулата и не се откриени остатоци од такви.

Кулата Олдехове во Леуварден, Холандија

Олдехове се наоѓа во холандскиот град Леуварден, кој освен со неа се слави и како родно место на Мата Хари, инаку Маргарета Гертруда. Кулата останува недовршена поради опасноста да пропадне. Жителите на градот ја почнуваат изградбата во 1529 година со идејата нивната црковна кула да биде повисока од камбанаријата на црквата во соседниот Гронинген, која е 97 метри и е четврта по височина во цела Холандија. Сепак меката влажна почва во „ниската земја” потклекнува и градбата се навалува уште за време на самото градење, кое било прекинато во 1532 година.  Денес од црквата е сочувана само нејзината коса кула со часовник и две камбани.

Кривата кула во Торун, Полска

Црвената кула е средновековен одбранбен објект во Торун, чиј врв е поместен со метар и половина настрана од таму каде што би требало да е, ако кулата беше права. Таа е една од знаменитостите на Стариот град во Торун и, се разбира, се наоѓа на улица „Под Кривата кула”. Изградена е во ХIII век за заштита на градот. Таа постепено почнува да се навалува поради глинестата почва под  нејзините темели. Во ХVІІІ век е претворена во женски затвор, а во ХІХ в. таму се сместени ковачница и работилница за оружје.

Кула во Казан, Русија

Стражарската кула се наоѓа во градот Казан, главниот град на Татарстан, кој е во составот на Руската федерација и во источните географски граници на Европа. Во моментов отклонувањето на нејзиниот врв од вертикалата е 1,98 м висина 58 м. Кулата е еден од симболите на Казан, кој комбинира елементи од руската и ориенталната култура и архитектура. Не е сосема јасно кога е изградена – некои стручњаци го третираат ХVІІ-ХVІІІ век, а  други – до XVI. Нема документи за нејзината изградба, бидејќи средновековната архива на Казан, кој се чува во Москва, е уништена  во 1701 година од катастрофален пожар.

- Реклама -