Како автомобилските производители ја лажираат потрошувачката на гориво?

Се разбира, главната цел на автомобилските производители е профитот. Па така, тие не се срамат да употребат неколку валкани трикови за да ве измамат.

Возачите за гориво плаќаат и до 500 евра годишно повеќе од планираното, затоа што производителите лажат кога зборуваат за малата потрошувачка на нивните автомобили. Па добро, технички, и не е лажење – тие само ги соопштуваат резултатите од тестовите. Но, клучот е во тоа како ги прават тестирањата.

Европското потрошувачко тело (BEUC) спроведе низа независни тестирања, кои само ги потврдуваат сомневањата. Така на пример, официјалната потрошувачка што Фиат ја наведува за нивната Fiat Panda 1.2 е 5.21 литри гориво на поминати 100 километри. Бројките што BEUC ги измери се малку поинакви – 6.11 литри на 100 километри. Истото се случува и со Golf 1.6 TDI. Официјалната наведена потрошувачка е 3.8л/100км, а BEUC измери 5.83л/100км. Земено на долг рок, овие „мали“ разлики се манифестираат во големи, и најважно, непланирани трошоци за купувачите.

Fiat Panda Discover - Cancan Red

Директорот на BEUC, Моник Гојенс, вели: „Потрошувачите што купуваат наводно ефикасни автомобили се често подлажани. Ако автомобилот троши 2 литра повеќе од рекламираното, потрошувачите всушност ја плаќаат цената на „зелениот маркетинг трик“ на компанијата“.

Независните тестирања се по барање на италијанската потрошувачка групација Altroconsumo, која сега планира да ги тужи производителите во име на измамените купувачи.

Инаку, тие се законски обврзани да ја објават потрошувачката на автомобилот при рекламирањето. Но од друга страна, како што наведува Гојенс, тие сеуште подлежат на тестирачки систем на правила од 1970-тите години, кој очигледно сега е застарен и му треба дополнување.

vw-golf-1.6-tdi-bluemotion-03.jpg

Дел од наведените трикови со кои се манипулираат тестовите се следниве:
– Автомобилите се тестираат со препумпани гуми за да се намали триењето (се заштедува и до 2.9 проценти гориво)
– Дупките на шасијата се прекриваат со леплива лента за да се намали воздушниот отпор.
– Се отстрануваат споредни делови од автомобилот за да се намали тежината
– Автомобилите се премачкуваат со специјални лубриканти (што возачите не ги користат) за да се добие повеќе помината дистанца на потрошен литар гориво. Лубрикантите особено се користат на моторите и сопирачките.

BEUC предупредува дека слична е ситуацијата и со наведените штетни емисии на CO2. Се наведува дека според реалната количина на штетни емисии, големите 4×4 автомобили можат да се стават во истата класа со помалите, „зелени“ автомобили. Ова е особено важно затоа што во европските држави даноците варираат во зависност од возилото. Ако не се знаат реалните емисии, даноците не можат да бидат правилно распределени и многу е можно несвесно да ги наградуваат најголемите загадувачи.

- Реклама -