Мачките се лековити

Истражувачите тврдат дека близината на домашното милениче значително го подобрува расположението правејќи нè повесели и опуштени.

Исто така, тие тврдат дека членовите на семејствата кои имаат милениче дома генерално се повеќе поврзани и многу полесно и побрзо ги решаваат меѓусебните конфликти. Покрај тоа, кучињата и мачките ја надополнуваат нашата потреба за физички допир и галење, што особено им недостига на постарите лица и осамените луѓе.

Позитивен ефект врз луѓето е забележан и во домовите за стари и изнемоштени лица, како и во психијатриските институции. Од оваа причина се изработуваат и роботи со крзно кои при галење реагираат така што ја нишаат главата и мавтаат со опашката.

Со истражување било утврдено дека на пациентите, за време на хоспитализација или по напуштањето на болницата, опоравувањето им оди многу побрзо во присуство на животни миленичиња. Чувањето милениче им помага и на деца кои имаат симптоми на аутизам.

Според истражувањето од страна на австралискиот Медицински Институт за истражување Бејкер”, спроведено на околу шест илјади испитаници, било потврдено дека луѓето со домашни миленичиња во просек имаат понизок крвен притисок, дека нивното присуство им го намалува холестеролот во крвта и се соодветно помалку изложени на ризик од инфаркт.

Кога се мачките во прашање, истражувачите утврдиле дека фреквенцијата која ја произведува мачката кога „преде“ го стимулира излекувањето од воспалителни процеси, бидејќи таа фреквенција го стимулира телото да лачи хемикалии што го уништуваат воспалителниот процес. Истите фреквенции, утврдиле тие, го намалуваат и прагот на болката.

На пример, ако мачката е во близина на главата на сопственикот и ако тој има мигрена, нејзиното „предење“ многу брзо ќе придонесе да престане главоболката. Ова го тврдат голем број пациенти! Исто така било утврдено дека луѓето се опоравуваат побрзо од скршеници и од операција на коските и зглобовите, ако некое време во текот на денот држат мачка во скут!

Веројатно заради овој факт мачките исклучително ретко страдаат од болести на коските и зглобовите, како и од болести на срцето и респираторниот тракт. Очигледно е дека тие се способни самите да се лекуваат со своето предење, односно со фреквенцијата на звукот што го произведуваат кога предат. Истражувачите тврдат дека од ова голема корист можат да имаат и асматичарите бидејќи пациентите кои имале мачка ги намалиле лековите.

Објавено во соработка со Емитер.

- Реклама -