Нова теорија за изградбата на египетските пирамиди

Прашањето како Египјаните, без помош на модерни и софистицирани технологии, ги пренесувале огромните камени блокови за да ги изградат славните пирамидални гробници, со децении ги мачи египтолозите, архитектонските и разни други научници.

Сега, научниците од Универзитетот во Амстердам (UvA) и FOM веруваат дека го открија решението кое го користеле припадниците на оваа древна цивилизација, а за кое тврдат дека цело време им било пред нос.

Според овие научници, Египјаните огромните камени блокови ги пренесувале преку песокот во пустината, на големи „санки“. Тоа биле доста базични транспортни средства – големи плочи со краевите благо свиени нагоре. А кога ќе се обидете таквите конструкции со огромен товар да ги повлечете по пустинскиот песок, тие се вкопуваат во песокот создавајќи голем куп пред себе, поради што пред нив морало постојано да се чисти насобраниот песок.

medwt31062

Од друга страна, кога е во прашање влажен песок, такви проблеми нема. Кај песокот со одредена количина на влага, капиларните мостови (во принцип микрокапки кои ги поврзуваат зрната песок едно со друго), се создаваат преку зрнцата, со што се удвојува релативната цврстина на материјалот, пренесува Gizmodo. Поради тоа песокот не се натрупува и двојно се намалува потребната сила за влечење.

Египјаните тоа очигледно го знаеле, а на цртежите врз ѕидовите од гробницата на Дејхутихотеп е прикажана токму таква сцена во која робовите го влечат големиот кип на својот владетел, при што јасно се гледа како еден од нив напред лее течност, објаснуваат научниците.

- Реклама -