11 начини да поправиш дупната гума

Дупната гума… Никој никогаш се нема израдувано што му се случила. Некогаш знае да ве потрефи во најлош можен момент, баш кога немате резервна.

Што правите тогаш? Престанувате да возите и си викате такси? Викате шлеп служба? Се разбира дека не. Туку се снаоѓате, како знаете и умеете.

Под претпоставка дека гумата ќе ви се дупне кога најмногу ви се брза, ние ви приложуваме серија брзи совети за да не морате долго да мислите кога ќе се најдете во зорт. Не сме сигурни колку се безбедни, ама сигурни сме дека се смешни.

1. Ако сте возач или планирате да станете возач, пожелно е да знаете и да шиете (стварно не ни е јасно зошто не вклучат и шиење во часовите за возачка). Остар предмет и врвката од патиката чуда прават.

2. Ова е тоа што го викаат „мислење надвор од кутијата“. Да речеме, ви се дупнала едната гума, па сега ви се дупнува и резервата. Наместо да барате друга, едноставно преместете ја таа читавата на средина. Генијално, нели?

3. Исто така, пожелно е секогаш да имате пар резервни гуми, макар и да се помали и да не одговараат на вашето возило. Битно да се тркала.

4. Запомнете: Колку покружна е формата на импровизираното тркало, толку помазно ќе биде возењето.

5. Ви се дупнала гума. Цревото е направено од гума. Ја гледате поврзаноста?

6. Следниов трик не само што ја решава дупнатата гума, туку го решава и проблемот со малиот простор во гепекот, како и проблемот со максималниот број на патници.

7. Две гуми се подобри од една. Или еве, ако така преферирате: Пет гуми се подобри од четири.

8. Следниов трик повторно е поврзан со закрпување, само што овде не се користи врвка од патика, туку штрафови (со мутер или без, дај шта даш). Единствено што треба да внимавате е во моментот кога закрпеното ќе пукне, во близина да нема луѓе или други живи суштества, зашто ќе има доста шрапнели.

9. Следново правило е малку познато, а многу може да ви послужи (особено на паричникот): Леплива трака е поевтина од нова гума. Знаеме, и ние истото го помисливме: Зошто вакви ствари не ни кажуваат порано?

10. Без гајле, нема да заборавиме и на точаците. Едно од подобрите решенија за дупната гума е стара ролерка. Управувањето првично ќе ви делува малку невообичаено, но како што гледате и од сликата, набрзо сосема ќе го совладате и самоуверено ќе пи*чите по улици и удолници.

11. И запомнете, не фрлајте пари на специјализирани пумпи. Тоа се глупости. Една пумпа ќе ви заврши работа за било какво возило. Мислам, хеј, дури и топки пумпавме со пумпи за коли кога бевме мали, ви текнува?

- Реклама -