101-годишната Ман Каур стигна до своето 17-то злато, оваа недела на Светските Мастерс игри во Окленд, Нов Зеланд. Спринтот на 100 метри го истрча за 1 минута и 14 секунди, соопштува Daily Telegraph.
За волја на вистината, таа беше единствениот натпреварувач во трката, бидејќи никој друг не се јави за учество во спринтот за возрасната група од над 100-годишни.
„Уживав во трчањето и сум многу, многу среќна“, рече Каур пред новинарите по завршувањето на трката. „Ќе трчам повторно, нема да се откажам. Ќе учествувам, нема да ставам точка“, додаде бабата.
Ако мислите дека претходните 16 медали ѝ се од младоста, кога Каур можеби била атлетичарка, се лажете. Таа почнува да учествува во атлетски натпревари пред само 8 години, на 93-годишна возраст.
Ја охрабрил 78-годишниот син Гурдев Синг, кој исто така се натпреварува, па и сега се натпреваруваше на Мастерс Игрите.
„Кога заработува медал, таа се враќа во Индија и со голема возбуда им се фали на другите дека има многу медали заработено за својата земја. Победите ја прават среќна“, изјави Синг лани пред канадските медиуми.
Кога тренира во родниот град Чандигар, Каур трча секоја вечер. Смета дека и другите жени треба да го следат нејзиниот пример.
„Таа ги повикува и другите возрасни дами да трчаат, да не јадат лоша храна, и, исто така, да ги поттикнуваат и децата да учествуваат во игрите“, вели синот.