Уште од времето кога човекот започнал да изработува мапи, па сѐ до Google Earth, повремено се појавуваат мапи што го менуваат начинот на кој го гледаме светот. Во продолжение, следуваат 10 од најпознатите револуционерни мапи од колекцијата во Британската Библиотека.
На почетоците од постоењето на СССР, државата била ранлива и подложна на инвазии, глад и социјални немири. Затоа, биле најмени брилијантни дизајнери, како Димитри Мор, кои требало да создадат проболшевичка пропаганда. Најпозитивно на зацврстување на националниот дух влијаела оваа мапа на која советскиот стражар будно го чува европскиот дел од Русија од соседите што сакаат да приграбат дел.
2. Мапа на светот (приближно 1490 година) од Хенрик Мартел
Се вели дека ова е мапата (која најточно го претставувала познатиот свет околу 1490) со која Колумбо ги убедил своите спонзори да му дадат средства со кои ќе замине на пат кон Индија, преку морски пат. Ова е првата мапа на која е претставена заобленоста на планетата, а одбележано е и поминувањето на ’Ртот на добрата надеж.
3. Кинески глобус, 1623
Овој глобус е направен по специјална нарачка од Кинескиот Император, а се верува дека го изработиле језуитските мисионери, Мануел Диаз и Николо Лонгобарди. На него се судираат западните и источните култури, а некои од решенијата се избрани за да се одбегне конфронтација со традиционалниот кинески картографски поглед. Затоа, Кина е енормно зголемена и е ставена во центарот на светот.
4. Валдзмилер мапа на светот, 1507
Оваа мапа е дело на германскиот картограф Мартин Валдзмилер, а со неа имало и мал памфлет од Матијас Рингман, во кој се објаснувале многу нешта за самата мапа, најмногу фасцинацијата од навигаторот Америго Веспучи и неговите списи, според кои, за првпат се предлага дека Америка е засебен континент, а не дел од Азија како што предлагал Колумбо.
5. Google Earth, 2005
Google Earth му овозможи на секој корисник да си создаде мапа според своите потреби. Почетната (или централната) точка е онаа што вам ви одговара и на мапите можете да го означите она што ви е потребно, а да го изоставите тоа што не ви е. Дополнително, по појавувањето на оваа алатка, и нештата што некогаш беа скриени,
веќе не можеа да го избегнат окото на јавноста.
6. Описна мапа на сиромаштијата во Лондон, 1889
Во 1855 имало тврдење дека една четвртина од лондонќаните живеат под прагот на сиромаштијата. Бизнисменот Чарлс Бут бил скептичен, па нарачал истражување на фактичката состојбата. Резултатите до кои дошол тимот биле далеку попоразителни. Се испоставило оти најмалку 30% од населението во Лондон живеело во мизерни услови. Од истражувањето била направена мапа, на која жителите биле обележани со 7 различни бои. Црната ја претставувала најниската класа – „полукриминалците“, а златната ги претставува богатите. По ова, кај властите се дигнала паника и биле отворени првите
интернати за сиромашни.
7. Мапа на Северна Америка со црвени линии, 1782-83
Оваа мапа ја користеле британските дипломати во преговорите за постигнување мир во Американската војна за независност. Ричард Освалд, секретарот на делегацијата, ја означил со црвени линии, на местата каде што се мислело оти при претходните спогодби била исцртана границата со Канада. Во случајов, Американците побарале помалку од очекуваното, а во следниот век се обиделе повторно да преговараат. Затоа, оваа засрамувачка мапа била тргната од Британскиот Музеј (каде што била од 1820 година) и ставена во Форин Офисот.
8. Мапа на лондонските тунели, 1933
Хари Бек ја дизајнирал оваа мапа во 1931, но тогаш му била одбиена како премногу револуционерна. За првпат, сложениот систем на тунелите од метрото под Лондон бил претставен во поедноставена верзија, со паралелни линии кои не се базирале врз реалната оддалеченост, туку на редоследот на постојките. За првпат оваа мрежа била претставена во една разбирлива варијанта, а истата била прифатена во 1933 година.
9. Петерс мапа на светот, 1974
Во суштина, невозможно е да се претстави сферичниот свет на рамна површина. Картата на светот што сите ја користиме приближно точно ги претставува формите на сите копнени маси, но по цена на искривување на големината. Така, земјите од северната хемисфера изгледаат далеку поголеми отколку оние од јужната. (Гренланд се чини дека е приближно ист со Австралија, иако се работи за една четвртина од површината). Германецот Арне Петерс решил да ја промени ваквата состојба во 1974 година. И тој, приближно правилно ги претставил копнените маси, но акцентот го ставил на земјите од третиот свет. Во таа смисла, неговата проекција не е ништо подобра од онаа што сакал да ја подобри.
10. Ившам мапа на светот (приближно 1400 година)
Изработена по нарачка од Парохот од Ившам, оваа мапа го симболизира раѓањето на англискиот патриотизам. Горниот дел е типичен за средновековните карти, со Рајската градина, Вавилонската кула и Ерусалим со многу кули под нив. Но, на долниот дел ја имаме Англија која се протега од Скандинавија до Медитеранот, со акцент на кулата во Кале (Франција), освоена во 1347. [
Ten of the greatest: Maps that changed the world]