Рафаел Надал објави дека става крај на својата играчка кариера


„Здраво на сите, тука сум да ви кажам дека ставам крај на мојата професионална играчка кариера“, објави во четвртокот преку социјалните мрежи 38-годишниот шпански тенисер Рафаел Надал, велејќи дека неговиот последен настап ќе биде за време на финалето Дејвис куп турнир во Малага (19-24. ноември).

„Реалноста е дека последните години беа доста тешки за мене, особено последните две. Мислам дека не усепав да играм без некои ограничувачки фактори. Одлуката очигледно беше многу тешка, затоа ми требаше толку време да ја донесам. Но, во животот сè има свој почеток и крај. Мислам дека сега е вистинското време да ја завршам долгата кариера, во која имав многу повеќе успех отколку што можев да замислам“, рече Надал во видеото објавено на Instagram.

Легендарниот леворак Шпанец кариерата ја завршува со 22 индивидуални Грен-слем титули во 30 финалиња и со неверојатни 14 трофеи освоени на Ролан Гарос, каде постигна 112 победи со само четири порази.

Надал освои 92 титули во сингл и уште 11 титули во двојки на АТП турнирите. Стигна до „број 1“ на поединечното АТП рангирање првпат во август 2018 година, а на врвот помина вкупно 209 седмици.

Има златен олимписки медал во поединечна конкуренција од Пекинг во 2008 година, а златото го освои и во двојки со Марко Лопез во 2016 година во Рио де Жанеиро.

Со шпанската репрезентација четири пати триумфираше во Дејвис купот (2004, 2009, 2011 и 2019 година), натпреварување каде ќе ја заврши играчката кариера.

„Возбуден сум што мојот последен турнир ќе биде финалето на Дејвис купот, каде што ќе ја претставувам мојата земја. Вака го затворам кругот, со оглед на тоа дека еден од првите големи и среќни моменти во мојата професионална кариера беше Дејвис купот финале во 2004 година во Севиља“, изјави Надал.

Шпанецот е најуспешниот тенисер на сите времиња на земјена подлога (484-51), поради што го нарекуваат „кралот на земјата“, а заедно со најуспешниот тенисер во историјата Србинот Новак Ѓоковиќ и легендарниот Швајцарец Роџер Федерер, кој се пензионираше пред две години, го сочинува најуспешното тенисерско трио на сите времиња.

- Реклама -