Прва изложба на Андреј Медиќ Лазаревски под наслов „Црно под ноктите“ во Буква

На 13. септември во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20:30 ќе се случи првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски под наслов „Црно под ноктите“.

Изложбата се состои од колажи и мини-инсталации изработени во последната година.„Црно под ноктите“ е концепт со кој авторот пробува да го втурне гледачот во „гнилото“, во „црното под ноктите“.

Во тоа „гнило“ се наоѓаат темите што се преокупација на една цела генерација, но и вечните теми како „потрагата“ по своето место во заедницата, личното и нелирско „јас“, уништувањето на природата, љубовта, еротското, стравот, смртта, миграциите.

Дел од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светска книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…).

Во рамки на настанот за музичкиот дел, со свој диџеј-сет, ќе се погрижи Indog!

Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по филозофија на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата песнопој) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, ПНВ Публикации).

Прочитајте и:  Христина Иваноска со изложби во Галеријата на Српската академија на науки и уметности (САНУ) и Музејот на Југославија во Белград

Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор е на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, главен фестивалски координатор е на „Филозофскиот филмски фестивал“, член е на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал, дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а моментално работи во „Кликер маркетинг“.

Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали (Стих у регији, Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопски поетски фестивал, АртАреа…). Негови песни се застапени во домашната периодика и преведени се на српски јазик за книжевните списанија „Блудни стих“ и „Рукописи“, на хрватски за списанието „Поезија“ на Хрватското друштво на писатели и на англиски јазик за “Selection from A new birth of the word (an Anthology of Macedonian Young Poetry)“, издание на Струшките вечери на поезијата.

Негови песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чешишевска и Иван Антоновски, Матица македонска, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, ПНВ Публикации, 2023) и „Музика, сега и уште“ (прир. Владимир Мартиновски, Струшки вечери на поезијата, 2022). За песната „Твоја ли е градината, Алиса?“ ја добива наградата „Енхалон“ од Струшките вечери на поезијата (2024)

- Реклама -