Второто продолжение од хитот за деца „Кариран нинџа 2“ во кината во земјава

Продолжението на најгледаниот дански филм за деца „Кариран нинџа 2“ од утре пристигнува и во нашите киносали. Филмот во режија на Андерс Матесен и Торбјорн Кристоферсен ќе има премиера од 12 часот во Кинотека, од 18 часот во киното „Милениум“ во Скопје и од 19 часот во Домот на култура „Бранд Петрушев“ – Богданци. Филмот се прикажува и во салите на „Киноверзум“ во Скопје, Велес и Штип, а од 7 декември ќе игра и во киното „Манаки“ во Битола.

Во „Кариран Нинџа 2″ повторно го следиме Алекс и неговата карирана нинџа кукла во нивната мисија против злобниот Филип Еперминт. Кога Еперминт ќе успее да ја избегне затворска казна во Тајланд, карираниот нинџа повторно оживува и го наоѓа Алекс. Заедно, со помош на семејството на Алекс, тие заминуваат за Тајланд за да го изведат злосторникот пред правдата. Алекс и неговата нинџа кукла ќе се впуштат во опасна мисија каде што нивното пријателство ќе биде ставено на сериозен тест.

Филмот е синхронизиран на македонски јазик и на албански јазик.

„Кариран нинџа 2“ ја доби наградата за најдобар филм за деца и млади на Данските филмски награди во 2022 година, како и наградата „Зулу“ и „Бодил“, главните дански филмски награди што ги доделува Данската асоцијација на филмски критичари.

- Реклама -