Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз успешно ја започна одбраната на титулата на Грен-слем турнирот во Вимблдон. Во првото коло Шпанецот, кој ја брка својот четврт Грен-слем трофеј, во три сета го победи естонскиот квалификант Марко Лајал, но немаше лесна работа во првите два сета, ги доби со 7-6 (3) и 7:5, но полесно му беше во третиот (6-2).
„Не го познавав. Но тој ме изненади, играше многу добро. Се мачев на почетокот, но потоа го најдов својот ритам”, изјави третиот носител по натпреварот. Шпанецот се надева дека ќе стане само шестиот тенисер по Род Лејвер, Бјорн Борг, Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ кој ги освоил Ролан Гарос и Вимблдон во истата година.
Успешен беше и Русинот Данил Медведев, петтиот носител. Тој со 6-3, 6-4 и 6-2 го совлада Американецот Александар Ковачевиќ, а по мечот изрази желба што подолго да го избегнува централниот терен.
„Никогаш не сум загубил на теренот број еден и би сакал постојано да играм на него. Лани во полуфиналето морав да одам на централниот терен и веднаш го загубив натпреварот“, изјави Медведев.
Осмиот носител Каспер Руд, кој никогаш не го мина второто коло на Вимблдон, го победи Австралиецот Алекс Болт во три сета и откри дека има многу здравствени проблеми од турнирот во Париз.
„Ме мачеа бактерии. Бев 11 дена во мирување, па морам да бидам задоволен од денешното постигнување“, изјави Норвежанецот.
Аргентинецот Себастијан Баез, Чилеанецот Николас Жари и Французинот Адријан Манарино отпаднаа од носителите.
Кај тенисерските највисоко рангирана која испадна првиот ден е Кинеската Женг Чинвен. Осмата носителка беше елиминирана од Новозеланѓанката Лулу Сан. Поуспешни беа седмата носителка Италијанката Јасмин Паолини, деветтата носителка Гркинката Марија Сакари, 12, Американката Медисон Кис и 14. Русинката Дарја Касаткина.