Серија А: Фиорентина го совлада Милан со два одбранети пенала на Де Хеа, Јуве киксираше дома


Во италијанската Серија А, седмото коло беше заокружено со бурниот натпревар во Фиренца во кој домашните фудбалери на Фиорентина го победија Милан со 2:1.

Натпреварот во Фиренца беше неверојатен, со акцент дека голманите одбранија три пенала. Во 22. минута домашниот играч Кин ја намести топката на белата точка, но неговиот удар одлично го сопре Маињан. Сепак, тринаесет минути подоцна Фиорентина сепак поведе, а Адли погоди на асистенција на Кеан.

Во судиското надополнување на првиот дел, Милан имаше пенал. Тео Ернандез шутираше, но домашниот голман Де Хеа го одбрани. Драмата продолжи и во вториот дел, а во 56. минута беше досуден нов пенал за Милан. Сега го изведе Абрахам, но повторно се истакна Де Хеа, го одбрани и овој удар.

Сепак, Милан израмни во 60. минута кога Пулишик погоди за 1:1, но домашните го вратија водството во 73. минута. Гудмундсон беше стрелец за големата победа на Фиорентина. До крајот и двете екипи имаа бројни шанси, но останаа 2:1 за големо славје на стадионот „Артемио Франки“.

Во претпоследниот натпревар од седмото коло, фудбалерите на Монца и Рома ремизираа 1:1. По две првенствени победи во низа, Рома освои само бод кај претпоследната Монца, која сѐ уште е без победа во новата сезона. Монца има четири нерешени средби и три пораза.

Двата гола беа постигнати во вториот дел. Римјаните поведоа со голот на Украинецот Довбик во 61. минута, но Дени Мота израмни девет минути подоцна. До крајот Рома напаѓаше барајќи втор гол и победа, но не ја постигна целта. Рома го одигра четвртото реми во сезоната и е деветта на табелата.

По пресвртот, фудбалерите на Лацио го победија Емполи на домашен терен со 2:1 во седмото коло, што беше прв лигашки пораз за Емполи сезонава. Гостите од Тоскана поведоа откако Еспосито во деветтата минута ја погоди домашната мрежа. Лацио до крајот успеа да го сврти резултатот во своја полза. Закањи израмни во судиското надополнување на првото полувреме, додека Педро во 84. минута го постигна победничкиот гол.

Оваа победа го донесе Лацио на четвртото место на табелата.

Доследна на себе, Болоња одигра уште еден тежок натпревар на домашен терен против Парма, кој заврши без голови. Болоња не успеа да ја искористи преднасот од играч повеќе откако во 52. минута кај гостите „поцрвене“ Кулибали.

На првиот натпревар од неделната програма, Јувентус одигра само 1:1 против Каљари во Торино. Двата гола беа постигнати од пенали. Јувентус поведе со голот на Душан Влаховиќ во 15. минута, додека домаќините останаа без победа во 88. минута. Тогаш Марин погоди од пенал за клубот од Сардинија. Тоа беше првиот првенствен гол што го прими Јувентус оваа сезона.

- Реклама -