Триесет иосумгодишниот француски тенисер Ришар Гаске во четвртокот објави дека турнирот Ролан Гарос следната година ќе биде последен во неговата кариера.
„Мислам дека тоа е најдоброто време за мене. Тоа е најдобриот турнир за тоа. Величествен е, а ние Французите сме среќни што можеме да ги завршиме нашите кариери на толку неверојатни места“, изјави Гаске за францускиот спортски дневен весник L’Equipe.
„Ќе имам речиси 39 години, никогаш не мислев дека ќе играм толку долго откако започнав толку млад“, додаде Французинот, кој стана тениски професионалец во 2002 година како 15-годишник.
Веќе на девет години Гаске се појави на насловната страница на еден француски тениски магазин, а беше најавен како чудо од дете, што го оправда на првиот меч во Монте Карло, победувајќи го Аргентинецот Франко Сквилари.
Познат по неговиот бекхенд со една рака, Гаске има освоено 16 титули, последната во Окленд 2023. Стигна до седмото место на АТП ранг-листата, но неговата биографија не содржи титули на големи турнири. Трипати беше во полуфиналето на грен-слем турнирите: во Вимблдон во 2007 година беше елиминиран од Роџер Федерер, на УС Опен во 2013 година беше поразен од Рафаел Надал, а во 2015 година во Вимблдон подобар од него беше Новак Ѓоковиќ.
„Идејата да ја завршам кариерата стана очигледна летово, кога видов дека се борам да се вратам во топ 100“, објасни моментално 133. тенисер на АТП-листата во сингл.
„Тоа не е трагично, затоа што дадов сѐ од себеси. Играв многу, толку многу натпревари… Почнав да играм тенис на тригодишна возраст, тоа ќе бидат 36 години тренинзи, секој ден!… Едноставно, немам што повеќе да дадам, не можам натаму“, призна тој.
Гаске се надева дека ќе добие покана за својот последен настап на овогодинешниот Париски Мастерс 1000 во Берси (26 октомври – 3 ноември) и сака да се квалификува за Австралија Оен следната година, пред да оди по последен пат како натпреварувач на париската црвеница во Ролан Гарос.
Гаске изрази желба да остане во тенискиот спорт со соработка со Француската тениска федерација и рече дека сака „да тренира млади луѓе, да оди во клубови и да помогне во напредокот на францускиот тенис“.