Фергусон: Го одбив Абрамович во 2003

Сер Алекс Фергусон открива дека ја одбил можноста да стане менаџер на Челзи кога Роман Абрамович го купил клубот од Стемфорд Бриџ.

Во разговор со ТВ каналот од САД PBS, Шкотот изјави дека агент во името на рускиот милијардер стапил во контакт со него, но тој без многу размислување го одбил предлогот.

„Употребија агент за да стапат во контакт со мене кога Абрамович стана нов сопственик на Челзи” – рече Сер Алекс Фергусон.

„Но јас им реков дека нема шанси”.

Ферги, кој во мај соопшти дека става крај на извонредната кариера како тренер, исто така вели дека не планира да му се врати на фудбалот.

Минатата недела тој беше поврзан со селекторското столче на Република Ирска, откако големи облози беа уплатени дека Сер Алекс ќе го наследи Џовани Трапатони.

„Не сум заинтересиран за враќање во менаџерските води, ниту пак за тоа да се вознемирувам или возбудувам од резултатите на Манчестер Јунајтед“.

„Џаби ќе си ги фрлите парите доколку се обложите дека ќе се вратам”.

„Донесов одлука. Моментот беше прав. Сега нема шанси да се вратам. Имам нов живот”.

„Сакам да одам на Кентаки Дерби, на ЈуЕс Мастерс, на Мелбурн Куп. Сакам да посетувам винарии во Тоскана и Франција”.

Сер Алекс исто така му даде поддршка на неговиот наследник и сонародник, Дејвид Мојс, кој има слаб старт на кормилото на ’Црвените Ѓаволи’.

„Манчестер Јунајтед е во добри раце со Дејвид Мојс. Не се грижете, тој ќе биде добро. Се работи за одличен менаџер”.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -