Победи за Реал и Атлетико Мадрид

Реал Мадрид со убедливи 6-2 ја победи Малага на Сантијаго Бернабеу, Атлетико Мадрид со 3-1 славеше на гостувањето кај Селта.

Во натпревар со дури осум погодоци на Сантијаго Бернабеу, Реал Мадрид со убедливи 6-2 славеше над Малага.

Серијата на голови беше отворена уште во 3. минута од натпреварот кога Албиол постигна убав гол со глава за водство од 1-0.

Малага брзо се врати, веќе во 15. минута Санта Круз го изедначи резултатот на 1-1.

Шест минути подоцна Санчез направи прекршок за пенал врз Кристијано Роналдо и заработи директен црвен картон, Малага остана со фудбалер помалку.

Роналдо не погоди од белата точка, биеше во средината од голот, неговиот удар го одбрани Кабалеро.

Но Португалецот брзо се искупи, во 26. минута постигна погодок од индиректен удар во шеснаесетникот на Малага и го врати водството на Реал Мадрид.

Тоа беше 200. гол за Кристијано Роналдо во дресот на Реал Мадрид.

Во 33. минута Месут Озил зголемува на 3-1, а Антунес во 36. постигнува погодок за 3-2.

Пред крајот на првото полувреме во листата на стрелци се запиша и Карим Бензема по асистенција од Кристијано Роналдо.

Во второто полувреме реализираа и Модриќ и Ди Марија за конечни 6-2.

Малага натпреварот го заврши со девет фудбалери откако во 73. минута Демикелис заработи втор жолт картон.
Атлетико Мадрид со 3-1 победи на гостувањето кај Селта, сите три погодоци беа постигнати во второто полувреме.

Резултатот беше отворен во 47. минута кога по корнер, Коста со глава погоди за водство на Атлетико од 1-0.

Во 65. минута со удар од далечина Хуанфран зголеми на 2-0, а Фернандез во 84. намали на 2-1.

Сите дилеми околу победникот ги реши Фалкао со погодок на четири минути до крајот на натпреварот.

Оваа победа за Атлетико Мадрид значеше и заверка на третата позиција на табелата која носи директен пласман во Лигата на Шампионите.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -