СЕЌАВАЊА НА АМЕРИКА “TEEN ROM-COM“ (III Поглавје)

СПОДЕЛЕТЕ

Five minutes everybody!”, нѝ довика возбудената менаџерка на продукција кога го протна дебелиот сурат во машката гримиорна. Коцкастите наочари ѝ паднаа на земја додека ја затвараше вратата, пред да ја извади големата свинска глава од процепот. Врисна од болка!

Пишува: Dick Major

Teen Rom-Com * 

(* Романтична комедија со тинејџери)

Беспрекорното и совршено тело на Сара Бишоп, кое изгледаше како да е некаква вонземска биомашина конструирана лично од Боговите на предхристијанските Македонци, нејзините страсни но нежни и пресметани движења, силното и одлучно мешање со тесните мали колкови во моите џиновски раце, врз моето масивно торзо, со мене во неа, под неа, и комплетно предаден на еротската немилост на малечката прима балерина, беа единствената и многу сериозна причина зошто не можев да избегам од нејзината болна желба да бидеме дечко и девојка, засекогаш.

И покрај тоа што се гледавме само неколку кратки недели, уште од првиот бакнеж, Сара беше и повеќе од успешна во намерата да се видиме секој ден, најмалку два до три пати на ден. Секое сабајле, како што поминуваше пред мојот дорматориум за да оди на предавања во отсекот за Балет, ќе ми довикаше со грлатиот и рапав глас да се појавам на прозорецот од собата полугол и поспан, за да ми прати неколку бакнежи зачадени од цигарите без филтер што ги пушеше како натурализиран Турчин. Попладнето ќе ме пронајдеше каде и да бев, за да ме изненади и најтеатрално да ми се фрли во скутот, да ме избацува за целиот свет да види. Моите таинсвени ноќни воајерски авантури од другата страна на прозорците на студиото за балет набрзина се заменија со постојано присуство на пробите, кои, откако ми среди Сара со нејзините професори, тивко ги следев скоро секоја ноќ внатре во студиото, од тесниот балкон што беше заробен помеѓу високите стаклени витражи и огромните огледала.

dm1

После секоја проба, ќе ја испратев Сара до нејзиниот дорматориум каде по девет навечер беше забрането присуство на мажи. Како некаков разбојник се прекачував преку прозорецот внатре во нејзината соба за да ја чекам во темница, додека да се истушира и да се врати полумокра и завиткана во пареа која, секогаш и без исклучок, ѝ се чадеше под наборите на разврзаниот минијатурен баде мантил од тенка розева фротирка. Ќе влезеше во собата со влажна пунџа од која се цедеше вода, пиштол гола ќе ги облечеше балетанките зошто знаеше дека така сакам, ќе ми дозволеше да ја исшприцам со уљенце, и после тоа, во следните пола саат а понекогаш и помалку, без проблем ќе изманипулираше најмалку две до три срвшавки од мене. Бев марионета под нејзините мали прстиња и знаевме и двајцата дека токму тоа ми ја кршеше машкоста и парампарче ми ги правеше егото и сеќавањата на сите претходни љубовни походи со кои бев и повеќе од горд.

dm2

„Мислам дека треба да се префрлиш во Отсекот за Балет“, сосема сериозно и без трунка иронија ми кажа Федерико една ноќ како што се вртевме секој во својот кревет, додека пред спиење му раскажував за балерините.

„Толку многу време поминуваш со нив што мислам дека треба уште сега, додека сé уште имаш време, да се префрлиш и да студираш Танцова Кореографија наместо Театарска Режија – same shit, better bodies to work with“, продолжи мојот очигледно благо завидлив цимер од Колумбија.

Не му одговорив ништо, само ги затворив очите и продолжив да сонувам за балерините кои ми играа во музичката кутија, низ главата.

dm3

Холивуд за Почетници

„Големите работи имаат мали почетоци“, вели  генијалниот Мајкл Фасбендер во улогата на роботот во Prometheus на Ридли Скот. И сé додека не го видов филмот пред неколку години, кога го чув цитатот, ми текна и веднаш ми се прикења кога се сетив на “големиот“ холивудски глумец со мал почеток, мојот колега – Крис Клајн.

dm4

Бев редовен и сериозно посветен на моите први часови по глума што ги држеше професорката Ен Лин Кетлс. Oдлична театарска актерка која и покрај неверојатниот успек во главната улога на сега веќе антологиската оф-бродвејска претстава Master Class, каде извонредно ја глумеше фамозната грчка оперска легенда Марија Калас, сепак, претпоставувам, на своите другарки од средно како и на комшивките им беше единствено позната по некоја мала и мизерна епизодна улога во ТВ хит серијата од осумдесеттите – Мајами Вајс. За жал, жената повеќе се гордееше со тоа срање мислејќи дека така била поблиску до холивудска слава, наместо со скоро четириесетте години поминати на даските на сите поважни театри во југо-западот на Америка.

dm5

Професорката Кетлс сакаше да оддаде впечаток на вистинска госпоѓа со непогрешливи манири и велинченствено држење како што е тоа на британската кралица во најмала рака. Им пркосеше на своите педесет и многу години и занесено ја зафрлуваше главата на страна, секој пат кога си ја поднаместуваше фенираната тенка коса, како кокер шпаниел со заглавена магарешка трева во увото. Предавањата ѝ беа полни со муабетење за неа, за нејзината кариера, и за скоро недостижниот пат на сите нас до нејзиното неверојатно ниво на успех. Колегите глумци паѓаа во несвест на нејзините часови, губеа воздух, ненадејно дехидрираа, превртуваа со очи и скоро и да умираа во драматичните паузи на професорката, за време на претерано долгите монолози каде го објаснуваше Методот на Станиславски како да го познаваше човекот…

dm6

Мене лично, за разлика од останатите, ме беше заболе курот, ама онака – ептен! Немав никакви амбиции да станам глумец и ми беше апсолутно досадно додека си фаќав сеири за време на континуирано неуспешните обиди во површната автопсихоанализа на самобендисаните колеги актери, кои најмелодраматично припаѓаа на секое предавање, каде мислеа дека треба да рикаат од плачење за да ја импресионираат својата препотентна професорка.

dm7

Часовите по глума ги разбирав како обавезна препрека која морав да ја прерипам на патот до мојата режисерска слава. Едвај чекав еден ден, како нивни режисер, да им кажувам на мороните што да прават и како. А тој ден, силно светна после само две неполни години…

Океј, назад на час по глума…

Во малата група од околу дузина студенти беше и фамозниот Крис Клајн.

Крис беше дојден од богато семејство од руралната земјоработничка Небраска. И тоа, веднаш по неговиот неверојатен успех во една не толку мала улога во ремек делото на мајстор-режисерот Александар Пејн – “Election”, со Метју Бродерик и Рис Видерспун во главните улоги. Филм кој излезе баш таа година, un-fucking-believable! Лично сведочев на зачетоците на уште една one-hit-wonder холивудска кариера.

dm8

Присуството на Крис во малата сала за време на предавањата им правеше каша-попара на суетите на другите колеги. Не знаеја дали само да го презираат, додека квази-додворливо му се улижува, или и да го мразат; Затоа што учењата на Станиславски немаа формула за нивните невообичаени преплети на немирните чувства на потајна глорификација, завист, ужас, интуитивно лицемерие и евентуална интелектуална проституција. Но, беше и повеќе од очигледно дека сите до еден беа спремни да учествуваат и во копрофилични гадотии доколку тоа му беше фетишот на Крис, само за да еден ден стигнат до Холивуд.

dm9

Сите студенти по глума беа дојдени да студираат со најдлабоки амбиции да станат токму тоа што му успеа на Крис Клајн една година претходно, кога доби шанса да се проба на аудиција за улогата на стереотипен амерички средношколски спортист, и тоа единствено затоа што Александар Пејн одлучил да го снима филмот на локација во некое заборавено средно училиште во Небраска каде Крис бил уште еден ученик и член на театарската секција, кога му се отворила шанса да покаже колку стереотипно тупав и глупав може да биде. И пошто беше некако пластично личен, а и стварно беше тупчо глупчо, се разбира – ја доби улогата. Тоа, драги мои, се вика Type Casting, или, вака брутално искрено да го објаснам терминот: Ако си Александар Пејн и имаш лик кој е идиот – најпаметно е да земеш реален идиот да го глуми, нема да утнеш.  Само една година подоцна, Крис глумеше идентично плиток лик во блокбастер тин-комеди хитот “American Pie”. Неколку кратки години, и уште две продолженија на “American Pie” подоцна, толку беше од глумачката авантура на Крис. Дури и скоро да му ја уништи кариерата на феноменалниот акционен режисер на Die Hard и на Predator – Џон Мектиернан, кога ја доби главната улога во неговиот најлош филм, ужасниот римејк – “Rollerball”.

dm10

Како и да е, кога дојде време да нé стават во парови за да секој има некој со кого ќе ги работи дијалошките вежби, мене, за инат на сите други, ми се падна Крис. И двајцата имавме мали улоги во факултетската продукцијата на Учени Жени, и професорката мислеше дека е паметно да работиме заедно. Во интерес на претставата, како што ни кажа, каде и самата работеше со младите актери, а напоредно со режисерот и мој ментор, главниот професор по Театарска Режија, убер-дркаџијата – Џорџ Браун. (Џорџ ќе го обработам некое поглавје подоцна; Таков гомнар заслужува засебно и многу сочно прераскажување на ликот и делото!)

* * *

Учени Жени на Молиер е феноменален и безвременски текст чија забавна и универзална досетливост дотолку повеќе ме скокоткаше за време на бесконечните проби каде веќе напамет ги знаев сите реплики на секој еден лик. Премиерата беше закажана за само една недела и го искористив тоа како евтин изговор за да избегам од зелената соба каде не сакав да се среќавам со девојка ми. Толку многу време поминував со Сара што веќе не можев ни да ја гледам, a за време на пробите сакав да уживам во воајерското шпионирање на нејзините колешки кои беа која од која поатрактивни и помлади. Башка, обожавав да ги посматрам од црнилото на кулисите на бекстејџот.

dm11

Сара беше senior, во својата последна година од студиите, и беше четири години постара од мене. Имаше скоро дваесет и три и колку и да ми беше тоа предизвик, откако ја освоив, веќе немав порив да продолжам да ѝ бидам дечко. Уживав во нашиот секојдневен егзибиционизам каде се дупевме како џукели каде и да стигневме, но во тоа време мислев дека за мене Сара е стара, посесивна, но забавна и шармантна, и во мојата глава беше само добар другар со кој, ете, патем имавме и феноменален секс.

dm12

Знаев дека беше зацопана до уши и сакаше што поскоро да се омажи за мене, затоа што, кобајаги на шала, ми го даваше тоа до знаење неколку пати; во период кога исто така и почна да се однесува како да ми е мајка. Кога примети дека имам само еден пар постојано исфлекани фармерки, ѕвонарки што ги носев гордо како Џими Хендрикс, почна да плаќа за сите мои сметки без да ми даде да изустам ниту еден единствен збор на протест. Наеднаш сакаше да ми плати за сé, да знае сé, да зборува и да ме провоцира за апсолутно сé. Каде и да погледнев гледаше и таа, и каде и да се свртев таму беше она. Сара Бишоп ми го имаше удрено пикот и сé додека конечно не ѝ раскинав, сфатив колку беше опсеивно преокупирана со првиот Македонец што го имаше сретнато.

“University Pub”

I told my dad about you. He’s so excited, he wants to meet you!, ми шепна една дождлива ноќ кога децидно одбив да плати за мојот цех во локалниот паб каде ми даваа да пијам алкохол… затоа што, второ што направив кога пристигнав на TCU – си обезбедив фалсификувана лична карта преку едниот од синовите на Хасан.

Ќе продолжев да инсистирам да си ги платам пивата, но, помислата дека треба да одам во Вичита Канзас за да се соочам со татко ѝ, и евентуално да ја просам раката на девојката која ја познавав само неполни два месеци, ми ја затна муцката и ме транспортираше до шанкот каде, како хипнотизиран алкохоличар, нарачав дупли бурбон и уште два ладни Shiner Bock.

dm13

Петнаесет бесконечни минути подоцна, и како и секогаш, испадна по волјата на Сара која ја плати сметката без око да ѝ трепне. Со задоволна насмевка ми нарача уште еден дупли Wild Turkey и ми се фрли на рамениците како некаква малечка волчица што си ја обележува територијата, истиот момент кога виде дека во барот влегоа нејзините колешки од Отсекот за Балет! Дојдоа од некоја проба за претстава во која не играше и Сара. Убација пари во стариот џукбокс и веднаш почнаа да џускаат и да лудуваат на плејлистата составена од Abba’s Greatest Hits, Jon Bon Jovi и песната Sweet Home Alabama која ја програмираа да иде на рипит помеѓу секоја следна нумера. Срцките се понашаа како да не беа доиграни од неколкуте саати неуморно вежбање од каде пристигнаа сé уште подзапотени, врело загреани, и мокри од поројниот дожд – предвесник на есенската сезона на торнада во Северен Тексас.

Беше некаде околу девет навечер и барот само што почна да се полни. Му бев спомнал на Крис Клајн каде ќе бидам ако сака да дојде на пијачка, и на мое големо изненадување, холивудската ѕвезда се појави секунди после балерините.

dm14

За време на нашите дијалошки проби некако чудно и ладно се споивме со Крис. И покрај тоа што не правевме ништо освен тоа што ни беше задача за следниот час кај професорката Кетлс, убеден сум и сега дека мојот крајно горд, благо егоцентричен и очигледно незаинтересиран однос кон него, му даваа слобода да биде сигурен дека, за разлика од останатите соученици, нема да го молам да ми среди место на аудиција за следниот филм за кој и самиот се бореше да добие улога. Да не заборавиме, Крис беше син на едниот од поуспешните земјоделци во Небраска, и колку и да му се беше насмеала среќата, му фалеше домаќински искрен и нелицемерен однос што секако го добиваше од мене. Лично мислев дека типчето е О.К., но ништо посебно, а и му го давав тоа до знаење, без разлика на неговата тазе стекната холивудска слава. Да сакав да бидам глумец, кој знае, можеби и ќе му го подиспушев, само малку. Но, тоа не ми е стилот, а секако сакав да бидам режисер и знаев дека Крис не може да ми биде од апсолутна никаква корист.

dm15

Како што влезе во пабот срамежливо и несигурно, стуткан и мокар од силниот дожд, така веднаш ги намами сите присутни да му се залепат како гнасни преспански пијавици. Додека се поздравував со мојот колега, беше само прикладно и учтиво да го запознам со девојка ми и со нејзините колешки кои почнаа да се фрлаат околу него како спобудалени гускички во време на период за парење. На мое големо изненадување, дури и Сара му се окачи околу вратот како некаква амајлија против уроци. Наеднаш, балерините сакаа да се запознаат и со мене, само за да ги претставам на другар ми Крис Клајн кој изгледаше како да се загубил низ невремето надвор, и така, сосема случајно завшрил во “University Pub”. Беше затекнат од театралното и крајно кореографирано фолирање на секоја една танчарка која му се фрлаше во прегратка, а зуеа околу него како рој диви пчели. Ја искористив можноста и кокетирав и самиот со девојчињата кои ги меркав со месеци наназад, сé со цел да имам шанса да им пријдам еден ден кога немаше да бидам во друштвото на Крис или Сара.

Единствената помеѓу нив која се тргна на страна и на која ѝ беше очигледнио непријатно заради нахалноста на своите безобразни и безобѕирни колешки, една ситна и пегава, наизглед клинка, со црвена капуљача што не ја симна од главата, се повлече во темниот ќош позади шанкот и ја видов од крајот на погледот кога неуспешно нарача нешто алкохолно што секако не ја услужија заради нејзиниот изглед на тотално изгубена малечка црвенкапичка.

dm16

My name is Heather, Heather Winters, ми се претсави културно но некако исплашено, откако ѝ пријдов за да скришно и најдругарски ѝ турам малку од мојот бурбон во џиш-жолтиот безалкохолен коктел што досадно го сркаше низ тенка проѕирна сламка. Хедер го прифати мојот учтив пријателски гест и ми се заблагодари со наведната глава. Не кажа ниту збор повеќе. Нон-шалантно се заврте кон внатрешноста, си ја поднамести црвената капуљача преку бистрите сини очи, и ќутенката се смешкаше на шашавите ѝ колешки кои правеа будали од себе во надеж дека еден ден Крис ќе ги земе со него на црвениот тепих пред Кодак Театарот во градот на ангелите – Лос Ангелес.

Ох Боже, колку многу се имаа заебано срцките!

Само еден саат подоцна, откако пабот се преплави и со други луѓе, атмосферата градираше во општа калакурница каде не се знаеше кој пие, колку, и што. Журката веќе прерасна во хаотичен циркус на искривени пијани лица, кое со размачкан креон, кое со разраочени очи, или со расипани заби скроз индискретно сокриени позади широките скандирачки извици: CHRIS! FUCKING! KLEIN!… CHRIS!! FUCKING!! KLEIN!!!“; Со високо кренати раце по кои течеше алкохол, додека наздравуваа на фактот дека учат на истиот универзитет каде бруцош беше и младата холивудска ѕвезда: CHRIS! FUCKING! KLEIN!“!

dm17

Пола саат подоцна веќе бев направен ѓон, како тој на никогаш облечена тврда каубојска чизма од кожа на алигатор. Не можев ни лицето да си го осетам после пола флаша Дива Ќурка и кој знае колку нарачки на две пива одеднаш што ги цепав како сертификуван кретен. Понесен од лудилото околу мене, и самиот несвесно почнав да го скандирам името на Крис Клајн.

Крис беше некако срамежливо весел, а и сигурно беше барем ситно здрвен кога ме примети и крена некаква пијачка, за да, претпоставувам, ми се заблагодари на прекрасното чувство што очигледно блажено го обземаше заради ненадејното извикување на неговото име после секоја општонародна здравица во локалниот универзитетски паб.

dm18

He likes you… But he’s probable gay you know!?, ми шепна Хедер… После кратка пауза продолжи: „Ќе ти биде ли проблем да ми туриш уште малку бурбон во коктелот, ќе ти дадам пари…”.

Се разбира дека ја почастив, ѝ истурив цела доза и нарачав уште еден дупли за себе. Пијачките пристигнаа побрзо и од тапиот звук на удирањето на стаклото на шанкот кога ни ги сервираа. Ја лупнав чашата на екс како да беше чоканче љута жута® и некако се подзамислив од кратката опсервација на далеку потрезната и крајно срамежлива девојчица. Океј, бев пијан, можеби дури и бев под влијание на нејзиниот сугестивен коментар, но кога се обидов да го пронајдам значењето на “gay” во просторијата, го открив само на две места: Во похотните егзибиции на двајцата балетани кои после пробата дојдоа со своите колешки и беа најгласни во скандирањето; И во спуштениот поглед на Крис, секој пат кога требаше да наздрави токму со нив двајца, со своите најголеми и најгласни обожавателки.

19

Дали Крис беше геј или не, не дознав таа ноќ затоа што… Hey fucker, what’s up!?“, строго ми се обрати Сара која како од никаде изникна помеѓу мене и Хедер. Од неколку претходни искуства со неа, каде очите ѝ се повлекуваа позади веѓите искривени како на збесната мачка, кога и да бев опкружен со жени кои се восхитуваа на мојата коса и тврдиот акцент, бев убеден дека ноќта ќе се заврши скандалозно, а можеби и погубно за сиротата и сосема невина Хедер Винтерс.

20

Тамам набрзина да ѝ одговорам нешто што и да е, чувме Say cheese…” од правецот на шанкот и тројцата  махинално се свртевме кога нé заслепи блицот на ретро полароид апаратот во рацете на шанкерот. Типчето истренирано брзо ја извлече фотката, уште побрзо ја протресе за да ја подзасуши, и весело ја закачи на ѕидот позади стотиците шишиња жестоки пијачки, кој беше прекриен како тапет од слични cinéma vérité тип на фотографии од безбројните ноќи на нахално дивеење во пабот.

Пијан и заљуљан, ја ѕирнав фотката, и во де-фокус приметив дека во неа Хедер заминува позади мене и Сара. Веднаш се свртев и, навистина, Хедер ја немаше никаде. Единствено го пронајдов остриот поглед на девојка ми со кој можеше да заколеш јагне за на слава.

21

So what’s up fucker!?”, повторно отсечно, крајно накурчено и тотално неоправдано луто, ми се обрати девојка ми која не ни примети дека Хедер киднала. Се чувствував виновно… Само малку се подзамислив, доволно за да се досуши полароидот и да приметам колку сум весел во фотката. Потоа ми текна дека не само што ништо не се случило, туку и дека не сум имал апсолутно никакви грешни мисли за малечката црвенкапичка, а сепак се чувствував виновно и мизерно. Ми пукна филмот и ѝ се истурив на Сара како вистински пијан балканец, посилно и од дождот надвор заради кој почнаа да ги затвараат дрвените капаци на вратите и на големите коцкасти излози од пабот. Ѝ објаснив дека не може тек-така да ми се понаша, да ме тормози и да ми изиграва мајка, да ме прогонува и да ми се фура, „И тоа додека те гледам како флертуваш со Крис факинг Клајн цела ноќ!, ѝ вратив со врзан јазик како за последно.

Сара се замисли. Следуваше многу кратка и неспокојна тишина…

Touché, си помислив во здрвената тиква и знаев дека шансата да ја откачам е токму сега. Сиротата зина како да е на забар и не ѝ оставив ниту секунда да ѝ текне како да ми врати. Ѝ кажав дека веќе не сакам да бидам со неа и крајно театрално излетав надвор во невремето кое како стробо ефект распалуваше низ кратките молскавици. Сара тргна по мене, знам, но не се свртев. Трчанката се загубив во пијаната здивена ноќ.

22

Учени Жени

Five minutes everybody!, нѝ довика возбудената менаџерка на продукција кога го протна дебелиот сурат во машката гримиорна. Коцкастите наочари ѝ паднаа на земја додека ја затвараше вратата, пред да ја извади големата свинска глава од процепот. Врисна од болка! Како ништо да не се случило, трапаво и тронтлаво си ги крена наочарите, ги врати на широкото мрсно лице и нон-шалантно нé потсети уште еднаш: Five minutes guys, you have five more minutes before curtain call!.

23

Долгата тесна просторија, обложена со безбројни огледала каде секое едно беше врамено со десетици малечки жолти лампи, мирисаше на загушлива мешавина на нервозна пот и лепак за протетика. Привршувавме со костимирање и шминкање за премиерата на Учени Жени за која се подготвуваме секоја ебана ноќ веќе повеќе од месец и пол дена. Постарите студенти – актери, кои секако ги заслужуваа посериозните улоги што ги играа, беа релативно кул, но првенците, помеѓу кои бевме Крис Клајн, јас, и уште два-тројца, се потевме и бевме екстатични како да одиме на сцената за да го фатиме Господ за муда. Лично, немав трема која не можев да ја исконтролирам, но Крис беше еуфоричен и здивен, а сите очи во бесконечните огледала беа вперени токму во него, како да беше пред некаков невидлив стрелачки вод спремен да пука и на неговиот најмал испад. Сиротиот, едвај се контролираше да не оддаде впечаток на аматер зошто имаше да загуби повеќе од кого било во задушливата гримиорна. Можеби дечкото беше ѕвезда од последниот холивудски филмски хит, но ова беше театарска претстава каде немаше простор за уште еден дубл, а за помалку од пет минути требаше да излеземе на сцената, и тоа во аудиториум со повеќе од тристотини луѓе, на премиера која имаше резервации за новинари и критичари од Fort Worth Star-Telegram, Dallas Morning News и Dallas Observer – сé вкупно со публика од скоро милион редовни читатели!

24

Отсекот за Театар на нашиот Универзитет беше, и најверојатно сé уште е, едниот од најдобрите отскочни даски за идните театарски глумци, режисери, сценски дизајнери и дизајнери на светло во централна USA. Гостите во публиката се тепаа да дојдат до своите карти како да одеа на некоја бродвејска претстава, зошто нашите продукции им парираа и на најдобрите професионални театарски куќи во радиус од најмалку илјада километри. Не се заебавам и не преувеличувам, да се биде дел од TCU Theater Department беше успех сам по себе и Крис Клајн знаеше дека новостекнатата слава ќе му донесе дополнителен багаж за иднината на неговата сé уште несигурна кариера.

Curtain call everybody., пет минути подоцна го чувме гласот на менаџерката на продукција на старите звучници додека јадеше нешто на интерфонот. Се качивме на сцената, во прекрасната тишина и темницата позади кулисите. И покрај тоа што јас и Крис имавме последователен прв влез дури по некои си дваесетина минути, како првенци, моравме да стоиме во бекстејџот, за да го осетиме ритамот, што, многу точно, би рекол мојот ментор и режисер на претставата – мадерфакерот Џорџ Браун.

25

Светлата се стишија во комплетна темница, толпата во аудиториумот стивна во молк, актерите за првата сцена се наместија на позиција… За малку ќе можев да си го чујам и чукањето на срцето да не стоев веднаш до Крис чие молење на Господ прво ме замисли а потоа и ме вознемири. Се свртев и го видов како си ги држи рацете склопени пред лицето како да е во црква; тивко му шепкаше на Севишниот да му помогне. Бев збунет, но, Океј, си реков и ја игорирав молитвата до мене која не прекина сé до нашиот последователен влез пред публика.

26

Кога ми дојде редот да излезам на сцената, го сторив тоа како вистински професионалец, а минутка после мене излезе и Крис. Шизикот си го заврши своето театарско деби и кога се врати позади кулисите, застана повторно веднаш до мене иако можеше да оди каде сакаше во широкиот бекстејџ. Беше пресреќен додека го слушавме аплаузот, и тивко но екстатично почна да ме гушка, да се радува на самиот себе и да рипа од среќа. Во еден момент, кога радоста му се трансформираше во тивко но неконтролирано лудило, додека ја чекавме менаџерката на продукција да ни даде дозвола да се симнеме во зелеата соба, некаде помеѓу неговите: Thank you Jesus Lord и “Dear Mother of God”, Крис, од нигде-никаде почна да ме драпа насекаде и изненадно ме фати за мудата. Насмеано ме грабна со двете раце и ги остави таму како да сакаше да провери да не имам случајно рак на простатата. Се тргнав. Отсечно. Го бутнав со силна тупаница. Фраерот веднаш затвори очи. Ги крена склопените раце пред лицето и продолжи да се моли како што се молеше пред почетокот на претставата и како ништо да не се случило. Не сакав да поверувам што ми се дешава. Се вознемирив од своето прво искуство наспроти туѓа хомоеротичност, канализирана токму кон мојата машкост. Ушите веднаш почнаа да ме заглушуваат со векови на наталожена балканска гордост. Сакав да го запукам на лице место, да го оставам таму каде што го најдов, да му заковам заби во вратот…

Имав премногу да загубам, јебига, го знаев тоа, и на крај сепак не сторив ништо… Словенечко-Австрискиот ген на мајка ми наеднаш стана доминантен над прилепскиот табиет на моите претци по татко. Се поттргнав на страна како ништо да не се случило и стиснав заби; мислам дека и вилицата ми се закочи како на питбул. Трчанката заминав во зелената соба во подрумот за да не направам некоја беља. Крис не дојде долу до крајот на претставата, кога се симна безбедно, заедно со сите други актери. Пичка Америчка! Пичка му ја материна сељачка!

27

Премиерата на Учени Жени заврши со стоечки овации, и колку и да бев мал дел од претставата во мојата улога на Учителот по Уметност, бев пресреќен дека добив аплауз за време на двете излегувања пред публика и поготово за време на поклонот за крај. Кога се вративме во гримиорната, Крис не ме ни погледна. Уживаше во букетите цвеќе што не прекинаа да му пристигнуват од безбројните фанови колку и улогата да му беше идентично малечка како и мојата. Веќе никогаш не ми направи муабет. Дури и среди со професорката Кетлс да ме замени како негов партнер за дијалошките вежби. Ете, тоа ти е, и она сакаше да му се упика што подлабоко во шупчето, во надеж дека ќе ископа некаква улога од неговите холивудски контакти.

a28

* * *

Успехот на мојата прва претстава ми беше фасцинантно искуство, особено затоа што немав глумачи амбиции а ми направи да се чувствувам толку полн со себе.

И самиот добив два букета цвеќе после премиерата. Едниот, тој со дузина бели орхидеи, сосема очекувано беше потпишан од Сара Бишоп. Но другиот, со само една црвена ружа, беше потпишан со бакнеж од курвински-црвен кармин. Немав појма која е анонимната обожавателка, но после секоја изведба наредните шест ноќи колку што траеше поставката, добивав по една црвена ружа и картонче на кое беа најсочните усни што ги имам видено на хартија…

mwa

Dick Major

Пиши му на Dick Major: dickmajor2@gmail.com

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ