СЕЌАВАЊА НА АМЕРИКА “ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ” (II Поглавје)

СПОДЕЛЕТЕ

„Медијаторката се ококори уште повеќе и помислив дека сините топчиња за голф ќе ѝ излетаат од главата додека во slow motion си ја префрлував долгата виткана коса од едната на другата страна на широките раменици.“

Пишува: Dick Major

Задишан и запотен. Уморен и без здив. Запалив цигара кога едвај стигнав пред една голема, тенка, вертикална табла од сјаен црн мермер на која со фино исклесани серифни букви пишуваше “Admissions Office”. Дури и потклекнав од премор, и се наслонив на таблата како да сум се качувал до месечината, а таблата како да беше некаков предисториски монолит што го оставиле вонземјаните, некоја супериорна раса, за да ни дадат памет на нас – луѓето, на мене – Македонецот, првиот Македонец во историјата на TCU!

Macedonia!? Like from the Bible!?, супер-тупаво и скроз очекувано, на тврд тексашки акцент, со раскезена и стопена насмевка, ме праша секретарката во одделот за прием на нови студенти кога ӣ одговорив како се викам и од каде доаѓам.

dick01

Чекај малку.
Да се разбереме нешто. Во Тексас зборуваат тексашански. Тоа е прилично точно одреден дијалект на американскиот јазик кој пак е строго дефиниран акцент на англискиот. Со други зборови, од сега па понатаму, кој не знае за што зборувам, може слободно да ги замислува Тексашаните како пристојни Бугари што зборуваат македонски со дијалект од областа на Сандански.

Значи…
Macedonia!? Like from the Bible!?, неотесано и некако гумено, ми се обрати секретарката кога отидов да се пријавам дека сум дојден, да потврдам дека сум подготвен да започнам со реализацијата на мојот американски сон.

dick02

* * *

Или јас и татко ми писмото од Тексас не го прочитавме како што треба, или мајка ми стварно имаше право кога му кажа на татко ми да не ме праќа во Америка четири дена порано наместо три дена подоцна од она што мислевме дека е почетокот на школската година.

Испадна дека пред почетокот на студиите пред себе имав полна недела orientation”, или во превод – запознавање со универзитаетот, со моите идни колеги, и со уставот на нашата мала сегрегирана интелектуална заедница наречена TCU, и сето тоа – необавезно!

Orientation важеше за сите студенти, Американци, странци, па и Македонци, но orientation за мене и за другите дојденци значеше мешање со сé што е мушко женско и од каде било, само да не е од САД. Не опнаа сите exchange студенти во една убава голема сала со кристални лустери од деветнаесетти век и започнаа со тоа што нé замолија кратко и јасно да се претставиме пред да започнат да не тераат у стадо.

dick03

Бевме скоро две стотини млади мамлази, и тоа повеќе од две третини беа од Централна и Јужна Америка; Hi, my name is Rosa, I am from Ecuador; My name is Gustavo, I am from El Salvador; Eva, from Panama; Federico from Colombia… Но имаше и занимливости, од Јужна Африка – Charles from Cape Town, Usair from Pakistan; Pashta from India… И се разбира, тука бев и јас, лепршавиот Питер фром Маседониа.

Уште пред да се претставам предизвикав љубопитност кај повеќето exchange студенти. За разлика од сите до еден, јас бев ретро, ама бев кул, башка и постмодерен, но секако некако хипи-прљав и неуреден, со многу коса и мали изолирани парченаца мов-брада тук-и-тамо на лицето. Јебига, бев млад, и покрај редовното бричење уште од мои тринаесет, во надеж дека митот “ако се бричиш ќе ти згусне брадата“ функционира, на моите деветнаесет, сé уште не ми беа споени шашавите бакенбарди и глупавата козја брадичка која ја негував како да е реткиот цвет на Гибралтарски Кампион.

dick04

Уствари, кога ќе размислам подобро, отприлика вака можам да ја доловам ситуацијата во која се наоѓав: Околу мене беа собрани највоспитаните, најулижани млади снобчиња, елегантни потомци на средновековните колонијалисти и нивни вазали од цел свет. Сите беа деца на некои битни фаци од Мексико, од Аргентина… Една девојка со која две години подоцна кркавме кока на дневна база знам дека всушност беше правнук на некој одамна среќно покоен и никогаш осуден високо рангиран полковник, горд-до-смрт џелат во армијата на првиот гватемалски диктатор Јорге Убико. Другар ми Чарлс Муреј од Јужна Африка беше син на едниот од главните обвинители – душмани на Мандела пред и за време на апартхејдот, а ептен милиот, и до ден денеска добар другар – Алонѕо Алкосер Санчез од Пуебла Мексико, беше син на првиот официјален и најпризнат професор, пионер информатичар во Мексико – Г-дин Дон Хектор Санчез. Човек кој дванаесетина години подоцна беше поканет во родната ми Македонија да биде советник на владата на ВМРО-ДПМНЕ на тема информатика. Неверојатно, ама стварно. Дури и се видовме со Сењор Санчез кој дванаесет години порано ме угости како да му бев нероден син, и го однесов во Камин Чамо™ на телешки јазик во сос®, лут пинџур, уште полут ајвар, домашен и специјално претходно нарачан зелник и лута кавадаречка жута ракија©. После тоа цепавме ефтина текила, ама во Лајка™, и му беше толку јако што мислам дека моите месец дена како негов гостин дванаесет години претхоно ги исплатив на најмакедонски начин икада, сосе окачување на неговата фотографија веднаш до таа на Ричард Гир во Камин Чамо™.

Ок, подоцна за другарчињата Чарлс, Алонѕо и Сењор Санчез…

dick05

Сите околу мене беа тип-топ, сите беа дотерани во скапа brand-name гардероба, на сите им светкаа ноктите како да дошле тазе од кинески маникир, можеше да се огледаш во тие нокти, сите беа супер богати, ултра културни, сите зборуваа бољи англиски од мене и сите до еден изгледаа како да им е предодредено да бидат некој и нешто (барем за пред камера). Години подоцна, на Facebook сфатив дека TCU на скоро сите освен на мене и на Вања из Сарајева им беше само пролазна фаза во предодредената судбина да продолжат по стапките на своите славни претци чии најчесто крвави пари секако мораше да бидат потрошени, по можност во У-Ес оф Еј.

dick06

Животот е кучка како што никогаш не кажа мастерот Алехандро Гонзалес Ињариту во своето деби “Amores Perros” кој излезе после само 2-3 години, но факт е дека години подоцна сите тие дркаџии станаа некој и нешто во своите родни места, освен мене… Дури и Вања из Сарајева, која за разлика од исфолираниот јас, како вистинска жртва на војната во бивша Југославија, десетина години откако ја запознав успешно заврши медицина на Харвард со пуна стипендија, среќно се омажи, роди неколку цакани дечиња и сега е еден од најбараните хирурзи педијатри во Бостон. Браво Вања, свака ти част!

Hi, my name is Peter, I am from Macedonia. I am a Theatre Major.”, им се претставив кога ми дојде редот, веднаш после Алонѕо Алкосер Санчез од Мексико кој стоеше до мене и кој беше Mathematics Major.

Macedonia!? Wow! Like from the Bible!?, веќе тотално досадно изреагира медијаторката која неполни две години подоцна случајно ја сретнав штотуку разведена и благо опиена во еден локален бар. Ја поминавме ноќта муабетејќи за ужасот низ кој поминала со тогаш веќе бившиот сопруг. Муабетевме за петнаесетте години поминати во пасивна агресија каде ја загубила силата во мускулите, црвстината на бујните пегави гради и навиката за нежност. Досетливо ӣ кажав дека е добро што не ги загубила смислата за хумор и лудоста во срцето, и потоа ноќта ја завршивме во ефтина мотелска соба кај газда Хасан во Days Inn каде ӣ се молев и ја тешев дека сé ќе биде во ред само ако ми даде да ӣ свршам помеѓу цицки со само малку уљенце кое постојано го носев со себе како света водичка.

dick07

Interesting. Tell us about Macedonia. We’ve never had a Macedonian before. продолжи медијаторката која како вистинска четириесет и ситно степфорд милферица на сите млади мажиња во просторијата им ги креваше влакната на грбот и им го спушташе погледот во скутот.

Ја погледнав директно во проѕирните плави очи избечени како флоуресцентни топчиња за голф и почнав да зборувам за античка историја. Бев веќе подготвен зошто знаев дека кад-тад, сигурно ќе стане муабет за библискиот контекст на моите претци, башка само неколку недели претходно во истата таа библиска Македонија, налетав на Гиш и отидовме кај него дома на џоинт и дубоки муабети каде “шаманот“ лично ми закова неколку цитати во малиот мозок.

dick08

Сите залижани глави во големата хала се свртеа кон мене. Станав високо, како да можев да ги допрам исполираните кристални јајца на големите стари лустери од времето на Генералот Кастер. Медијаторката се ококори уште повеќе и помислив дека сините топчиња за голф ќе ӣ излетаат од главата додека во slow motion си ја префрлував долгата виткана коса од едната на другата страна на широките раменици. Понесен од претходните успеси на јавно говорење за кои дури имав и златна медања, како и од страсната и болна амбиција да бидам најголемиот режисер кој на сите точно ќе им кажува што и зошто да прават до крајот на нивните мизерни животи, мислам дека и гласот ми отиде неколку десетици децибели надоле у slow motion како што почнав со мојот препотентен монолог. Им кажав дека Македонија постои најмалку три илјади години, дека името доаѓа од термините маќеа и ија, што уствари значи дека земјата ија им е втора мајка, односно маќеа на Македонците. Продолжив за тоа дека кај нас е пронајден единствениот артефакт од машка фигура наспроти стотиците жeнски Венери, 7000 години стариот Адам од Говрлево. Дека сме делеле писменост насекаде каде што сме палеле убивале и покорувале и дека библискиот Павле редовно поминувал низ библиска Македонија на неговата кауза да го прошири христијанството низ светот. За Александар Македонски ич муабет да не правиме. Дури им кажав дека сите Македонци личат на својот славен предок, и си ја поднаместив главата во профил кога го кажав тоа срање алудирајќи на единсвената монета и слика од Ацо од негово време, длабоко убеден дека Гиш бил во право кога истото ми го кажа и на мене, додека ми се сврте во профил со една безобразно дeбела и густо зачадена двојка во устата. Единствено што не спомнав од неговите цитати беше дека македонските зречи a.k.a. словенски шамани, дури и патувале на други планети со вољата на својот ум, и дека Богомилите ја знаеле тајната на рок-ен-ролот (колку и да бил Гиш симболичен и надуван кога ми го кажа тоа) (!?!).

„Македонац, не сери!“, чув познат јазик неколку реда пред мене и така се запознав со Вања из Сарајева чии големи и криви бисерни заби како да светкаа позади нејзината Македонац не сери насмевка.

dick09

Како што започна моето запознавање со сите exchange студенти во TCU така и заврши подоцна вечерта кога ме сместија во соба со Федерико Андрéс Худ Перез од Кали Колумбија. Федерико беше виолинист и беше само очекувано дека единствените двајца “уметници“ од странство ќе ги сместат заедно, во надеж дека нивните “уметнички“ апетити ќе ги спојат во долгогодишно пријателство. Неколку недели подоцна, кога веќе се спријателив со Вaња из Сарајева, со Чарлс фром Јужна Африка и со Алонѕо de Мехико, сфатив дека пријателството доаѓа од друго место и дека постојаното осумчасовно вежбање на виолина на Федерико само ги плашеше гулабите и верверичките кои г’з-преку-глава бегаа од пред нашиот прозорец. И громогласната искривена насмевка на Вања ги плашеше гулабите, но Федерико уживаше во тоа до толку што понекогаш намерно ќе го отвореше прозорецот од нашата соба само за да се изнасмее на гледката додека избезумените верверички трчаа низ тревникот на кој “глупавите Америкаци“, како што ги викаше Федерико, играа фризби од сабајле до вечер и бегаа од спобудалените животинчиња.

dick10

„Стварно ми се допада овај твој цимер Федерико“, на супер тврд босански ми кажа Вања едно попладне додека седевме на клупата пред мојот дорматориум, додека го слушавме Федерико додека вежбаше некое кончерто за виолина од Прокопиеф. Насекаде летаа гулаби, насекаде бегаа верверички. Но тогаш повторно ги приметив кривите заби на Вања и токму таа имперфекција почна да ми се допаѓа кај неа. Не можав да поверувам дека ми кажа дека ӣ се свиѓа малиот ќељав виолинист, од мајка Колумбијка и од потатко Американец – бивши дипломат кој во својата потрага по парите на Пабло Ескобар завршил во прегратките на најмалечката латина на која се сопнал на улиците на Кали. Федерико Андрес по мајка, Худ Перес по татко, беше помал и од хобитите Homo Floresiensis чии малечки скелети и лобањи беа откриени на еден мал остров во Индонезија во 2003-та. Беше помал од мене скоро четири глави, но колку и виолината да му изгледаше како да ставил виолончело под брадата, дечкото беше дури и складно граден за својот џуџест раст, и свиреше виолина како Господ Бог. Носеше наочари на ќељавата глава и не можев да поверувам дека едно такво здепасто типче би ӣ се допаднало на која било Босанка наспроти мене – двометарски предисториски џин од Библијата, со Самсон во косата и Итар-Пејовски шарм во продорните прилепски очи, дотеран по вкусот на мојата баба од Австрија, која до последниот здив мечтаеше и зборуваше за изгланцаните високи кожни чизми на убавиот и висок Ес-Ес-овец кој ја стрпал во затвор во 1944та кога имала само тринаесет години, во нејзиното родно место – Межица*, Корушка. (*село во Словенија; на самата граница со Штаерска Австрија).

dick11

Бистра беше Вања и дури сега сфаќам дека таквите закачувачки коментари беа предизвикани од потребата да биде слободна кога ги поминуваше прстите низ мојата бујна и густа коса, кобајаги другарски.

Никогаш не се смувавме со Вања до крај, не ми беше по ќеиф, особено кога видов дека насекаде околу мене се подзатресуваат тесни тексашански газиња во кратки сиви шорцеви, газиња со кои не требаше да бистрам политика и историја на српски за да им се пикнам помеѓу шавови.

Но, Вања сакаше да се смуваме. И кога сфати дека провокациите со мојот цимер па и со Алонѕо и Чарлс не ӣ поминуваат, премина на балканското. Око не ӣ трепна кога ме залапа на клупата додека насекаде околу нас летаа гулаби  препаднати и избезумени од високите ноти на Прокопиеф.

Ја грабнав за г’з за да видам со што си имам работа и осетив потенцијал. Продолжив накај цицињата и немаше проблем сé додека не отидов на голо, кога ми ја тргна раката на страна. Набрзина ми објасни дека од војната сé уште има белези на градите и на стомакот, и тука заврши приказната. Никогаш повеќе не сакав да ја допрам каде било, и дури и почнав да ја сожалувам. Но ја засакав Вања, како сестра. И ја почитував, и ја почитувам ден денеска. Паметна, амбициозна, без родители и само со постар брат инвалид, немаше што да загуби. Комуницираме понекогаш и сега, и драго ми е дека е од оние среќни приказни од војната во Босна, посебно дека никогаш не направи фама од тоа, а стана токму тоа што сакаше да биде – доктор хирург за деца, и тоа, ни мање ни више, со сертификат од Харвард. Јебо матер своју! Браво Вања, свака част!

dick12

Федерико Андрес Худ Перез вежбаше виолина нон-факинг-стоп, полни осум факинг саата на ден! Имавме договор да не вежба после девет навечер за да можам и јас да видам малку аир од местото каде спиев. Но, во тие осум саата талкање низ универзитетот ја пронајдов својата неоткриена копнеж, и тоа во зградата веднаш отспротива на мојот дорматориум каде што беше отсекот за балет. Беше стара градба, крената уште на самиот зачеток на универзитетот сто и нешто години порано. Беше изградена во неокласичен стил каде што големите високи прозорци сo скулптури од ангели седнати на листови од орхидеи на столбовите, едвај можеа да ги сокријат тајните на балетското студио позади џгољавите грмушки делумно оголени од почетокот на есента. Секоја приквечер после целодневната настава ќе се прикрадев и ќе се шмугнев за да ги гледам младите и грациозни студенти по балет додека неуморно вежбаа за претстојната претстава. Имаше неколку очигледни педерчиња, но девојчињата изгледаа како да се направени од најквалитетен јапонски порцелан, како да се живи кукли кои беспрекорно се вртат на најскапата француска музичка кутија предодредена да се продаде на аукција за најмалку половина милион долари.

dick13

Отсекот за балет во TCU беше еден од подобрите во Америка и дефинитивно најдобриот во Тексас така што секоја ноќ гледав во некои од најразноврсните и најамбициозни млади танчари во Америка. Сочувствував со нив, се радував со нив, плачев и ме болеше како што ги болеше и нив. Аплаудирав на секој успешен arabesque и се разочарував со секоја промашена пируета.

Една ноќ се вратив во собата и Федерико веќе беше легнат да спие. Се струполив на својот кревет со типичен тинејџерски окез на суратот, задоволно ги ставив рацете позади главата и спонтано почнав да му зборувам за моите приквечерни и сé подолги воајерски авантури. Федерико не изусти ниту збор додека му ја опишував секоја балерина, нивните полурастурени пунџи, нивните раскрвавени стапала, потта која им се цедеше низ секој процеп од трикоата, солзите кои беа неизбежни после секоја грешка… Таа ноќ Федерико не кажа ништо, но секоја наредна имаше сé повеќе и повеќе прашања. Набргу почна да се соживува со моите описи на страшниот живот на балерините во зградата веднаш од другата страна на ѕидот на нашата соба. После само десетина дена стана опседнат со моите приказни и останувавме будни скоро до изгрејсонце додека мечтаевме за балерините кои како да беа проектирани од мојата уста на плафонот над нашите кревети.

I want to come with you tomorrow, I want to see the ballerinas., конечно ми кажа Федерико после скоро две недели несоница.

dick14

Следната ноќ отидовме до прозорците на отсекот за балет и се скривме позади ретките грмушки. Балерините се загреваа. Светлата во студиото беа наместени како балерините да се веќе на сцена и на сите до една им се исцртуваа контурите на совршените тела кои сигурно скоро од раѓање ги подготвувале за да уживаме во нивната убавина. Во еден момент дојде професорот, им даде знак, се наместија во позиција и една стара бабичка на клавир почна да свири за репер.

This is fucking bullshit man!“, ми кажа Федерико и си замина пред да започнат да играат. Се вознемирив и тргнав по него зошто се почувствував дури и навредено. Го фатив за рамото и пред воопшто да успеам да го прашам What the fuck???“, Федерико ми се сврте и ми кажа дека свирењето на старата бабичка е навреда за неговите уши и дека нема да остане ниту секунда подолго. Ми кажа дека му е поубаво само да ги слуша моите прераскажувања, без ужасот на музиката на стариот клавир отсвирена од сиротата стара и веројатно глува бабичка.

* * *

Животот на балерините, режисерите, глумците, сликарите, скулпторите, фотографите, поетите и слична “уметничка багра“ не е лесен, поготово не во американски универзитет каде што мора да се оди на сите “задолжителни“ предавања по тотално непотребните математики, геологии, истории, религиски студии, физичко и остала срања кои се неопходни за да “уметниците“ имаат и втора шанса во животот. Системот е таков, не му верува на уметникот дека ќе создаде уметност која ќе го протне низ животот, систем каде што кошта пари, а не портрет на салфетка за да платиш кирија; каде што естетиката се мери со дизајнот на фармерките кои ги носиш над или под кукови и со изборот на обавезно скапи патики, а не со гордо искрениот автопортрет каде си погрд отколку во реалноста; каде љубовта, љубомората и смртта се сведени на лошиот перформанс на глумците од твојата омилена ТВ сапуница, а не во твоето доживување од едно деноноќие каде мајката на твоите деца ти кажала дека ве сака пред да умре од леукемија; каде значењето на мајка воопшто е сведено на доилка или домаќинка, а не на жртва или, не дај Боже, на твојот прв сексуален интерес; каде уметноста е нечие гледиште а не сечие доживување…

dick15

Секое утро, околу осум сабајле, пред да одиме на предавања за сé она што знаевме дека никогаш нема да го употребиме во нашите уметички хирови, случајем околности сите студенти по Fine Arts одевме во кафетеријата каде се товевме со фино зготвен амерички холестерол и декафинирано кафе. Си се знаевеме кои сме, зошто TCU немаше нешто многу “уметници“ наспроти илјадниците студенти по Право, Економија, Математика, Медицина, Религија и Farm Management (се колнам во мајка дека имаше и Farm Management отсек! Учеа како да менаџираат стока, добиток, крави музари и ебачи бикови; како да го шиткаат млекото, месото, спермата на биковите… Се колнам, тоа учеа, се колнам беше официјален отсек со официјална диплома!).

dick16

Секое сабајле, додека стоев во ред за да си ги нарачам вообичаените две тврдо варени јајца, лиснат бисквит замачкан во сос од високо-мрсно млеко и ситно сецкан запржен колбас со лук и црвен пипер, се среќавав со повеќето балерини кои ги шпиунирав и за кои му прераскажував на Федерико претходната ноќ. Им беше срам од мене, додека намерно се задржував само малку подолго околу нив, заради тоа што нарачуваа најмалку три пати повеќе храна од мене зошто беа истрошени од бесконечните вежбања и припреми за претставите што мислеа дека ќе ги однесат во Њу Јорк Метрополитан, во Бољшои Театарот во Москва, во Парис Опера, во Ла Скала во Милан. Овие девојки јадеа како да се спремаа за трка околу екваторот и им беше срам дека се товеа како еднорозите од епопеите на Индија. Секогаш седнував во ќошот од кафетеријата и скришум ги посматрав да видам која е каква насабајле после порцеланскиот и крвав перформанс претходната ноќ. Бев толку обземен од нив што ги доживував како некакви митски суштества кои сигурно знаеја за античкиот долгокос Македонец кој ги посматра низ исушените гранки на грмушките од другата страна на големите долги неокласични прозорци на нивното студио за вежбање. Дури и нивниот најневин и секогаш случаен поглед кон мене ми правеше да се чувствувам како кога ги ѕиркав татко ми и дедо ми кога мочаа пред мене кога имав три-четири годинки. Понекогаш ќе им се насмеев, понекогаш дури и срамежливо ќе им кажев “добро утро“, но секогаш им се обраќав на сите заедно и никогаш ниту на една поединечно. Балерините ме обземаа како вирус и се разболев од сите нив заедно.

* * *

Можеби заради драма, но погоре не спомнав дека балерините исто така ги гледав секој ден и кај мене, во зградата на отсекот за Театар која ја делевме со музичарите. Таму беа четирите сали за театар и големата сала на универзитетската филхармонија, исто така салата за операта и за балетот. TCU не беше заебанција, и уште веднаш откако започна школската година започнавме со сериознни подготовки за поставување на Учени Жени на Молиер, Оревокршачка на Чајковски, и кончертото на Прокопиеф за студентите по музика, и тоа со некој битен диригент од Австрија, ако ми текнува ко што мислам… Чат-пат ќе се судревме едни со други во гримиорните во подрумот, но сите си држевме на својот отсек. Уште од старт нé тренираа за професионалност пред сé.

dick17

Како студент по театарска режија морав да глумам во најмалку една претстава секој семестар во каква било улога. Да не го тупам овде за деталите, глумев некој спореден лик, учителот по уметност во ремек делото на Молиер кое го спомнав погоре и  повеќето од времето го поминував во “зелената соба“ чекајќи да бидам повикан на сцена преку старите лампаши – звуници кои светаа секој пат кога повикуваа на актерите да се качат backstage.

Две недели откако започнавме со проби почнавме да се мешаме со балерините во зелената соба. Не можев да бидам посреќен додека ги гледав како се загреваат околу мене помеѓу сцените. Ни една не ми обраќаше внимание, но претпоставувам дека тоа беше заради професионализмот. Сé додека, една ноќ, за време на една проба, сите освен прима-балерината не останаа на сцената. Прима балерината која беше заробена во зелената соба со мене се викаше Сара Бишоп, и бевме затворени сами во просторијата скоро цел саат. Не е дека сакам да ја претставам Сара по име и презиме веднаш, но таа самата веднаш ми се претстави и ме закопа: My name is Sarah Bishop, you are watching me, I know, I like that.

Сара имаше рапав и длабок глас, а беше помала и од мојот цимер Федерико. Беше скоро џуџе, но саде мускули. Уствари, заради нејзината анатомија сфатив колку е комплексно човечкото тело. Сара беше изделкана како редок персијски астал од пред Христа, беше малечка како прстен во кој би го чувале најсмртоносниот отров, ја имаше насмевката на фамозната Мата Хари, и веднаш откако ӣ кажав како се викам ми го повтори името точно и до најситните финеси како пијана прилепчанка на шанк од дискотека на периферија на Скопје кога се преправа дека е трезна скопјанка. Ја знаев Сара и претходно од моите ноќи позади високите прозорци на студиото за проби на отсекот за Балет, и иако не ми беше фаворит по г’з, по цицињата и по должината на вратот, сепак, фактот дека беше најдобрата и најстара од сите танчарки, ми го закопка егото повеќе од која било друга балерина.

Where are you from?, ме праша.

Macedonia

I have never met a Macedonian before.“, и ми се насмеа со подзагрцнување…

Знам дека се залапавме како што не се сеќавам, и следниот ден Сара Бишоп беше убедена дека веќе бевме дечко и девојка.

Dick Major

Пиши му на Dick Major: dickmajor2@gmail.com

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ