Шефот на дипломатијата на ЕУ бара санкции против израелските министри

Борел не прецизира на кои израелски министри мисли, но рече дека повиците на израелскиот министер за надворешни работи за протерување на луѓето од Западниот Брег се „повеќе или помалку исти како и она што Израел го прави во Газа“

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, денеска во Брисел најави дека ќе побара од земјите членки да размислат за санкционирање на одредени министри во израелската влада поради пораките со омраза што ги испраќаат до Палестинците.

„Иницирав процес да ги прашам земјите членки дали сметаат дека е соодветно да се стават некои израелски министри на нашата листа со санкции. Некои израелски министри испраќаат неприфатливи пораки на омраза кон Палестинците и предлагаат работи кои јасно се против меѓународното право и се поттик за извршување воени злосторства“,

рече Борел пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Тој не прецизираше на кои израелски министри мисли, но рече дека повиците на израелскиот министер за надворешни работи за протерување на луѓето од Западниот Брег се „повеќе или помалку исти како и она што Израел го прави во Газа“.

Земјите членки на ЕУ се поделени во ставовите за ситуацијата на Блискиот Исток. За одлуката за санкции потребна е согласност од сите земји членки, па тешко дека иницијативата на Борел ќе вроди со плод. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани по пристигнувањето на состанокот изјави дека „санкциите против израелските министри не се реални“.

Неформален состанок на министрите за надворешни работи требаше да се одржи во Будимпешта, главниот град на Унгарија, која претседава со Советот на ЕУ. Ваквите состаноци се одржуваат двапати годишно во земјите кои претседаваат со ротирачко претседавање. Но, поради унгарското „солирање“ на самиот почеток на претседателството, Борел реши средбата од Будимпешта да се пресели во Брисел.

„Мораме да испратиме сигнал, макар и симболичен, дека спротивставувањето и дисквалификацијата на надворешната политика на ЕУ како страна во војната мора да има одредени последици. Затоа, мислам дека е соодветно, по летните одмори, во Брисел да се свика следниот неформален состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана“,

рече Борел на прес-конференција кон крајот на јули.

На почетокот на јули, веднаш откако неговата земја го презеде ротирачкото претседателство, унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатува за Москва и Пекинг во самонаречена „мировна мисија“ за да преговара за можен прекин на огнот во Украина. Тоа го направи без никакви консултации со други членки и институции на ЕУ, а освен тоа, ротирачкото претседателство не е овластено да ја претставува ЕУ во странство.

Орбан, исто така, претходно го напушти самитот на НАТО во Вашингтон и замина за Флорида каде што разговараше за војната на Русија против Украина со американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Во петок, во рамки на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи, се среќаваат и министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ.

- Реклама -