Сиљановска-Давкова објави фотографија од срдечен поздрав со Бајден во знак на меѓусебно разбирање и поддршка

„Изразив восхит од инспиративните обраќања на претседателот Бајден и неговата сопруга Џил на приемот за шефови на држави“, напиша претседателката на државата на Фејсбук

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова попладнево на социјалните мрежи објави фотографија од средба со американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил на приемот за шефови на држави.  

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, со американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил / Фото: Фејсбук-профил на Гордана Сиљановска-Давкова

Во објавата на Фејсбук, покрај фотографијата, на која Бајден ја држи за рака македонската претседателката, Сиљановска-Давкова напиша: 

„Срдечен поздрав во знак на меѓусебно разбирање и поддршка. Изразив восхит од инспиративните обраќања на претседателот Бајден и неговата сопруга Џил на приемот за шефови на држави“. 

Сиљановска-Давкова во Њујорк ја предводи македонската делегација на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации (ОН). 

Таа вчера се обрати на генералната дебата 79. Заседание на светската организација и во својот говор по првпат јавно го употреби уставното име на државата – Република Северна Македонија.  

Говорејќи за македонскиот случај пред Обединетите нации, Сиљановска-Давкова рече дека за нас „членството во ЕУ по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи на Европската комисија наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот ‘уште само овој услов, уште само оваа отстапка, уште само оваа уставна измена“.  

„Така станавме sui generis држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен Западен Балкан“,

рече Сиљановска-Давкова. 

Како што додаде, европската реунификација е „како недовршена симфонија без нас“, а интеграцијата е клучна за демократскиот развој. Таа очекува дека целосната интеграција на Балканот ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен. 

- Реклама -