СДСМ: Власта спроведува опасна партизација, новиот директор на АНБ треба веднаш да се разреши и да се именува нов

Оттаму нагласуваат дека новиот директор на Агенцијата е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, што е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган

Со назначувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација, како на АНБ, така и на клучните безбедносни институции, реагираат од опозицискиот СДСМ.

Оттаму нагласуваат дека новиот директор на Агенцијата е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, што е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган.

„Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото. Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ. Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО“,

се наведува во соопштението на СДСМ.

Од најголемата опозициска партија нагласуваат дека АНБ во изминатите години се реформирала и професионализирала и дека Мицкоски со именувањето на Христовски, „врши сериозен удар и врз професионализмот и врз безбедноста“.

„Граѓаните многу добро знаат како злонамерно беа користени како класична политичка служба за прислушкување, следење, но и дискредитирање, уценување и малтретирање на политичките противници и сите други кои не им беа по волја на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што спроведуваат опасна партизација, ги загрозуваат стандардите на професионализмот, туку ја доведува во прашање и безбедноста на државата. Прашуваме и како Христовски воопшто ја поминал безбедносната проверка?“,

прашаа од СДСМ и воедно повикаа Христовски да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ.

Како што објави „360 степени“, Зарко Милошевски веќе не е директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Тој на вчерашната владина седница беше разрешен од функцијата, а на негово место е именуван Бојан Христовски.  

Зарко Милошевски, на чело на институцијата задолжена за безбедност и контраразузнавање беше неполни две години. Претходната влада на СДСМ и ДУИ го назначи за директор на 14 декември 2022 година, а на функцијата дојде на местото на Виктор Димовски, кој се повлече од директорското столче во АНБ за да замине за амбасадор во Париз, Франција, што не се случи.  

Инаку, според Законот за АНБ, мандадот на директорот на Агенцијата изнесува четири години, со право на повторен избор за уште еден мандат. Ова значи дека Милошовски на позицијата требаше да остане до 14 декемри 2026 година.

Условите за разрешување и именување на директор на Агенцијата за национална безбедност се уредени во член 10 од Законот за АНБ, чии одредби отвораат прашања околу причините за смената на Милошевски и именувањето на неговиот наследник.  

Повеќе за ова прочитајте на линкот во продолжение:

- Реклама -