Со претставата на шпанскиот театар Antzoki Teatteri, вечерва во 20.30 часот на сцената на Центарот за култура во Битола ќе биде отворено 13. издание на Меѓународниот фестивал за театар за деца „Битолино“.
Театарот од Шпанија ќе ја изведе претставата „Огномет – Искри на животот“ во режија на Тони Касла.
Фестивалот годинава се одржува под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“, а го организира „Бабец театар“, со поддршка на Министерството за култура и Општината Битола.
– Оваа година пријавени се повеќе од 50 волонтери кои во своето мотивационо писмо навеле дека нивното детство било и е исполнето со претстави и настани на „Бабец театар“ и ИДТФ „Битолино“. Брендот „Бабец театар“ кој цели 14 години успеа да опстане како професионален детски театар со 22 премиери и над 65.000 посетители и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (16.760) имаше можност да погледне 84 претстави од 48 театри кои во Битола допатуваа од 30 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата – вели Васко Мавровски, основач на фестивалот.
На вториот фестивалски ден ќе настапат гостите од „Тheatre Stories“од Литванија со претставата „Стапица“. Третиот фестивалски ден ќе биде посветен на организаторот „Бабец театар“, кој по повод 14. роденден на децата во Битола ќе ја подари својата најнова премиера „На гости кај Кате и Фреда“ во режија на Јован Ристовски.
Наредните денови на репертоарот се претставите: „Големото езеро“ во продукција на театарот „Imaginar do Gigante“ од Португалија, претставата од Германија во продукција на Театар Кунстдингер со наслов „Подла патека“. Последниот фестивалски ден ќе започне со претставата „2- квадратни метри“ во продукција на „Гоби денс компани“од Унгарија и со проектот на „Одиво“ театарот од Словачка со наслов „Воздух“.
Оваа година за време на Фестивалот ќе се одржува и театарската работилница со наслов „Приказна во движење“ под раководство на пантомимичарот и режисер за пантомима Војо Цветановски.
На 13то издание на ИДТФ „Битолино“ ќе биде доделена наградата Гран При за најдобра претстава во целина. За наградата ќе одлучуваат тројца врвни уметници од интернационалното жири во состав: претседател на жири комисијата Милан Пајиќ (Србија), актер и членовите на жири комисијата: Драгана Милошевски Попова, театарски режисер и Благојче Божиновски, театарски режисер.