Градоначалникот на Општина Желино нападнат од лице лекувано во психијатриската болницата во Бардовци

Според Сејдиу, лицето што вербално го нападнало не го познава, ниту со него имал претходни проблеми. Сепак, неговите сознанија се дека поради психијатриски проблеми бил сместен во болницата во Бардовци, како и дека бил осуден на неколку години затвор за сторени кривични дела

Лице лекувано во психијатриската болница во Бардовци денеска му се заканувало на градоначалникот на Општина Желино Блерим Сејдиу во дворот на џамијата во селото Стрмница. Барал од градоначалникот да го вработи. Овој инцидент денеска го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР), а целиот случај на Фејсбук го образложи и градоначалникот Сејдиу.

„Заради разјаснување на случувањата и да не дозволам на денешната вест да и се даде неточна конотација, сакам да информирам дека денеска бев сведок на неочекувана и незавидна ситуација во селото Стрмница, која на крајот (без мое присуство) ме известија дека завршила со физичка пресметка. Ситуацијата започна со ментално болно лице кое беше вербално агресивно кон мене, барајќи да го вработам“,

вели Сејдиу.

Посочува дека лицето не го познава, ниту со него имал претходни проблеми. Сепак, неговите сознанија се дека поради психијатриски проблеми бил сместен во болницата во Бардовци, како и дека бил осуден на неколку години затвор за сторени кривични дела.

„За лицето подоцна дознавме од полицијата дека извршило десетици кривични дела, за силувања, тепања, физички напади и слично. Фала му на Бога што јас лично заедно со тројца административци на општината кои ми беа блиски, за момент бевме во опасност од овој деликвент. Благодарение на некои добронамерници (кои не ги познавам и кои случајно беа на местото на настанот) навреме интервенираа (веројатно го познавале деликвентот), обидувајќи се да го смират, не дозволија никаков несакан инцидент или евентуален физички напад врз мене или врз административните службеници од општината. Изразувам длабоко жалење за оваа неочекувана ситуација што ја доживеавме денес, од деликвент кој треба да биде во медицинска изолација, а не на слобода да ги загрозува граѓаните. Случајот е изнесен преед надлежните органи, а лицето е на лекување во болница, против кое ќе бидат преземени потребните законски мерки”,

рече градоначалникот.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопштија дека во дворот на џамијата во селото Стрмница Ф.Б. (33) вербално го нападнал Б.С. (34) градоначалник на Општина Желино, а физички нападнал друго лице И.И., по што се дал во бегство.

„Потоа, Ф.Б. дошол во угостителскиот објект каде бил О.И.(36), син на И.И., по што настанала расправија и О.И. му нанел убодна рана на Ф.Б.. О.И. самиот се пријавил во Полициското одделение Групчин. Ф.Б. е пренесен во Клиничка болница Тетово за укажување на лекарска помош. СВР Тетово во координација со јавен обвинител од ОЈО Тетово презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“,

се вели во соопштението од МВР.

- Реклама -