Звонко Шундовски поднесе оставка од селекторската функција во македонската ракометна репрезентација.
Преку соопштение до нашата редакција, Шундовски денеска се одлучи на македонската јавност да и ја соопшти својата конечна одлука за напуштање на кормилото на националниот тим, како што вели, во интерес исклучиво на репрезентацијата и нашите ракометари.
„Поднесувам неотповиклива оставка на селекторската функција на ракометната репрезентација на Македонија. Одлуката ја носам исклучиво во интерес на репрезентацијата“ – вели Шундовски во дописот до ЕКИПА, во кој понатаму пренесува:
„Селекторската функција ја прифатив во периодот откако им беше понудена на стратези со поголемо портфолио од моето. Јас верував во оваа генерација. Со селекцијата која ја направив исклучиво со македонски играчи и македонски стручен штаб, со најмакедонската селекција во сите спортови и на сите времиња, изборив пласман на Европско првенство 2012, освоив 5. место на ЕУРО 2012, изборив квалификации за Олимпијада, изборив учество на Светско првенство, обезбедив континуитет на големи натпреварувања. Создадов стабилна основа за нови успеси, кои оваа генерација играчи ги заслужуваат. Поискусна за две големи натпреварувања во континуитет, во овие моменти, репрезентацијата го достигнува својот максимум и е зрела за играње во завршниците на големите европски и светски натпреварувања и освојување на медали, што го препуштам на мојот наследник. Селекторската функција ја извршував за симболичен надомест, со голема љубов за мојата земја, а ме водеше желбата за нејзина промоција во Европа и светот. Кога се работи за својата земја, не постојат бариери и кочници и ние како репрезентација комплетно вложувајќи се многупати се надминувавме себеси. Им се заблагодарувам на претседателот на РФМ, на РФМ, на репрезентативците и на стручниот штаб за соработката. Горд сум на успесите кои заедно ги направивме, а Македонија ја направивме релевантен фактор во европскиот и светскиот ракомет. На македонската репрезентација во иднина и посакувам многу повеќе успеси и спортски радости.“
Оставката како што вели Шундовски е веќе доставена и до претседателот на РФМ, Михајло Михајловски и до раководните органи на ракометната федерација. Македонија на последното Светско првенство во Шпанија под негово водство стигна до 14. место меѓу 24 земји учеснички на истото.
Сепак, останува фактот дека Звонко Шундовски требаше да излезе на прес – конференција во просториите на РФМ и заедно со претседателот Михајло Михајловски, генералниот секретар Марјан Начевски, па и капитенот Кире Лазаров, да ги образложат сите авантури, патешествија, настапи и тактики на мундијалот во Шпанија. Вака, Шундовски го најави Светското првенство на прес – конференција, во „Систина“, а заминува со порака преку мејл.
Не оди тоа така (поранешен) селекторе!