Секој последен викенд во март од зимско преминуваме на летно сметање на времето. Зошто?
Последниот викенд во октомври го поместуваме часовникот еден час назад со што се враќаме на зимското сметање на времето. Тоа е затоа што секој последен викенд во март ги поместуваме стрелките на часовникот еден час напред. Тоа прашање во повеќе европски земји е законски регулирано.
Целата идеја за сметањето на времето е заснована на астрономските околности дека во јануари сонцето изгрева околу 8 часот, а заоѓа околу 16 часот, додека во јули, кога денот е значително поголем изгрева пред 5, а заоѓа по 21 часот. Имајќи предвид дека луѓето своите дневни активности ги започнуваат во исто време во текот на целата година, вообичаено околу 7 часот, на средината на летото така се „губат“ околу два часа дневна светлина.
Идејата да се надомести тоа време со поместување на часовникот прв го смислил Џорџ Верн Хадсон од Нов Зеланд, кој во 1895 година во Кралското друштво во Велингтон предложил летно поместување на времето за два часа. Меѓутоа, идејата веројатно би останала заборавена ако на истиот предлог десет години подоцна не се сетил британскиот претприемач Вилијам Вилет (1856-1915).
Во текот на едно утринско јавање во Лондон, Вилет во летото 1905 година забележал дека сонцето одамна излегло, а голем број луѓе сѐ уште спијат. Неуморно лобирал сѐ до Првата светска војна, придобил и либерални пратеници во парламентот, а за неговата идеја се загреал и премиерот Винстон Черчил. Меѓутоа Вилет настрадал во епидемија од грип и не дочекал поместувањето на времето да биде озаконето. Неговиот предлог го прифатила и Германија и во 1916 година прва го вовела во законот летното сметање на времето, поттикната од потребата за заштеда на јаглен. Британците ги следеле во 1921 година, а потоа и речиси сите европски нации и САД.