„Убавите“ зимски температури, оние од -10 и -20, допрва ги чекаме во следните месеци. За среќа, прво ги имаме овие од -1°C за да нé навикнат на првото правило на зимата, кое гласи: финансиите ви опаѓаат заедно со температурите, а оттаму и расположението.
Има ли снег, значи има и студ, па има и многу дополнителни трошоци. Затоа, снег? Не фала. Зашто штом ќе падне снег Македонија станува уште поголем „Survivor“. Само што овој нашиов има повеќе учесници, помал рејтинг и не даваат никаква награда. Даваш само ти.
И се чудиш така по некое време, зошто по ѓаволите некои луѓе си го честитаат и се радуваат на снегот по Фејсбук, кога после и тие самите се мачат како тебе. Зашто со паѓањето на првиот снег секогаш се случува едно исто:
Стануваш наутро, а во собата мразарник. Парното (ако го имаш, и ако не го изгасиле од Топлификација) ја изгубило битката со зимата и не успеало да стопли. Колку и да не сакаш, ќе пуштиш греалката. Отидоа уште неколку илјадарки.
Погледнуваш надвор кон снежната белина. Во тој момент ти се случува синестезија (спојување) на сетилата – само гледаш, но сепак го чувствуваш студот, протреперуваш и знаеш дека ќе ти треба уште еден „кат“ облека, кат кој веројатно треба да го обновиш. Сé што си заштедил пролетта и летото на облека, сега ќе го надокнадиш.
И така, едно 100 евра за нова јакна, 1000че за капа, уште 1000че за шал и уште 5000че за зимски обувки. А и Нова Година доаѓа, ќе требаат подароци.
Ама како и да е, ти конечно излегуваш за на работа и стигнуваш пред влезот. Тука започнува забавата.
Твоите ти мили соседи не го исчистиле снегот ни вчера, ни сабајлево, па се обидуваш да најдеш каде газеле другите и да одиш по дупките.
Ти исто така не си го исчистил снегот зашто: а) си бил изморен; б) си се надевал дека друг ќе го исчисти; в) немаш лопата; г) веруваш дека не е твоја обврска; д) те мрзи, ама користиш некое од претходниве како изговор за да не си признаеш.
И така смело зачекоруваш, и веќе во 1-ва минута од „натпреварот“ сфаќаш дека може требало да ги купиш тие поскапите обувки, со крампони. Патеката те поздравува со снег меѓу чорапата и обувката кој за миг се претвора во вода.
Сега веќе си своевиден Исус – одиш по вода со двете нозе, а снегот надвор од чизмата веќе не го ни чувствуваш. И инстантно посакуваш да станел тоа утро и да не мораш да одиш на работа.
Ако за таа цел користиш автомобил, допрва те чека највозбудливото. Со лопатка (ако имаш, ако не – собирај пари да си купиш) или со ракав, го чистиш снегот што се натрупал врз колата. Гледаш да позачистиш и околу гумите – зимски, половни, кои си ги купил не затоа што мораш по закон, туку за да не се извртуваш како излетана формула по улиците.
Додека чекаш колата да загрее, веќе ти е загреан целиот вокабулар од пцовки и навреди. Во моментот се насочени кон времето, студот и снегот. Многу наскоро тој арсенал ќе биде нужно пренасочен кон другите шофери.
Тргнуваш и почнува хаосот – пролизгувања, ти пресекуваат пат, лесни и тешки сообраќајни нереќи… Пцуеш. Знаеш дека и другите пцујат. Во тоа колективно пцуење се случува едно масовно сплотување на Македонецот, кое за жал не може да те стопли (ни фигуративно, ни буквално). А и колата троши повеќе во целата таа зимска „идила“.
Поевтино е ако немаш кола. Ама и многу повесело. И тука имаш вклучени физички вежби. Во нашиве средини, тротоар исчистен од снег е како четирилисна детелина. Многу набрзо се присетуваш на пируетите и другите потези што ги научи во тие две минути уметничко лизгање што ги изгледа пред татко ти да те праша да не си геј.
Геј или не, ументичкото лизгање сега помага. Или пируети, или болница, гипс, лежење во кревет и уште дополнителни трошоци. Се лизгаш, пцуеш, пак се лизгаш, пак пцуеш и на крај ти пука филм – се симнуваш од тротоарот и почнуваш да одиш по зачистениот асфалт на улица. Сега веќе не пцуеш, туку тебе те пцујат – сите шофери што треба да те заобиколат.
Ако не си со кола, тогаш си со автобус – што значи дека те чека висење на непокриена автобуска (може и да е покриена, ама за тројца) каде снегот ти паѓа во очи, а кожата и нозете ти мрзнат.
Ако си ксметлија ќе се качиш во автобус од новите со парно рокнато до даска. Бар ќе ти се стопли душата и коските. Ќе ти се стопли до тој степен што додека да стигнеш на твојата станица веќе си жива вода. Така пријатно навлажнет, излегуваш повторно на студот, кој инстантно се погрижува добро да им оди работата на твојот матичен лекар и аптеките. И р’жиш од бес – од снегот во очите, за парите, за тоа што си се разбудил, што требало да излезеш, што е зима.
Честитки! Во следната сцена веќе си болен. Спреми уште некое 1000че за апчиња, или чекај од блиските да ти ги подарат за Нова година. Корисно и практично.
… И фрлаш така поглед од другата страна на булеварот. Таму некои си деца се маваат со снежни топки и се смеат на глас, ко да не живеете на истата планета. Тие – среќни и весели за снежната сезона, ти – несреќен и нап*зден до (премрзната) коска.
АЛООО, ДЕЦА! СНЕГОТ ЈАДЕ ПАРИ, НЕ ЗНАЕТЕ ЛИ?
За секунда ти текнува како било порано. Кога си бил дете и си се радувал на снегот, кој тогаш беше стопати повеќе од овие 5-6 сантиметри сега. Кога си фрлал топки, кога си се тркалал низ него без страв од настинка и празен новчаник (твоите нека му ја мислат).
И размислуваш како нештата се менуваат. Децата ќе продолжат да се радуваат на снегот, а ти пак ќе ја пцуеш снежата „идила“ и главоболките кои ти ги носи во пакет.
Но без гајле. Сé тоа ќе заврши кога ќе пукне пролет. Ако до тогаш не си ја распукаш главата при лошо изведена снежна пируета.