Не мора да дојдат вонземјани на планетава и да нè заробат овде, не мора ни да се самоуништиме. И без тоа може да се случи во иднина да нè можеме да патуваме во вселената. Сами ќе си бидеме криви.
Проблемот се вика Кеслеров синдром. Се работи за теорија прв пат предложена од научникот на NASA Доналд Џ. Кеслер во 1978 година. Оваа негова теорија опишува сценарио во кое практично ќе си се затрупаме со ѓубре. Вселенско ѓубре.
Поконкретно, Кеслер зборува за време во кое густината на објекти во ниската орбита на Земјата (low earth orbit, aka. LEO) ќе стане толку висока што судирите меѓу вселенските објекти ќе станат многу почести.
Дури и во моментов околу нашата планета лебди огромна количина остатоци од вселенски летала и сателити, aka. space junk. Ако не сте размислувале или читале за темава, добар почеток е да ја погледнете визуелизацијата на Ричи Кармајкл. Ќе ја најдете ТУКА. Визуелизацијата е направена во 2015-та и извонредно доловува колку всушност вселенски отпад кружи во горните слоеви на нашата атмосфера.
Судирите за кои зборува Кеслер се токму меѓу овие остатоци и вселенските летала што ќе ги испраќаме во иднина. При таквите судири ќе се формира уште повеќе отпад (од парчињата од новооштетените објекти), со тоа зголемувајќи ја можноста за повеќе идни колизии. И така сè до моментот кога облакот од вселенски отпад ќе стане непрооден, и не само тоа, туку ќе претставува и закана за постоечките сателити.
Се проценува дека во моментов има околу 600.000 парчиња вселенски отпад со размер од 1 до 10 сантиметри, а дека во просек страда еден сателит секоја година. Парчињата со ваков дијаметар не звучат нешто посебно страшно, но при брзината со која се движат тие и вселенските летала во ниската орбита, и те како знаат да предизвикаат огромна штета.
Затоа денес важат посебни норми, кои ги обврзуваат дизајнерите на вселенски летала да демонстрираат дека можат безбедно да ги остранат леталата по нивната употреба.
За уште подетално објаснување, ѕирнете го видеово на Brilliant: