Зошто успешните се кретени

Man-Smoking-Cigar-1024x672[1]

Ако успешните, богатите и моќни луѓе ги замислувате како кретени кои мислат само на себе и не ги лази мува за другите, можеби тоа и не е случајно. Можеби само имате добра перцепција.

Обично самобендисаните кретени се тие што се успешни

Научниците од универзитетот во Охајо открија дека во група луѓе, улогата на водач по правило ја преземаат оние кои имаат високо мислење за себе. Има смисла, тие самите мислат дека се сјајни, па очекуваат и другите да го мислат истото.

Лошото е што токму таа самоувереност допринесува огромно мнозинство од луѓето во групата навистина да поверуваат дека овие лидери се „дадени од бога“ и да го прифатат нивното наметнување; дури и кога тоа не е заслужено, а самопрогласениот лидер е тотален идиот.

Со други зборови, научно е докажано дека егоистите и нарцисите кои мислат дека се подобри од другите, имаат друштвена предност во сам старт.

Овие личности обично се и навистина „успешни“ на лидерската позиција, бидејќи добро им оди да ги убедат другите во она што тие го мислат. Но, тоа трае кратко, до моментот кога сите ќе сфатат дека нивното лидерство не дава позитивни резултати, или пак дека резултира со големи последици. Но, тогаш обично веќе е доцна, а самоуверените незнајковци веќе се имаат добро закачено на своите позиции.

Моќта и лажењето одат заедно

По некои проценки, просечен човек во текот на денот барем 6 пати лаже или ја премолчува вистината. Всушност, научниците сметаат дека лажењето е толку значајно за нашата култура, што претставува важен чекор во развојот на бебињата.

Е сега, ставете го тој обичен човек во ситуација кога е под притисок, цел ден комуницира со други луѓе и договара разни зделки, од кои зависат други луѓе. Да де, директори, политичари…

Истражувачите од универзитетот Колумбија спроведоа мал експеримент. Ги поделиле испитаниците во две групи: Едните „изигравале“ лидери, а другите нивни подредени. Лидерите добиле големи канцеларии, а подредените добиле мали соби без прозори. Потоа, и едните и другите се ставени во ситуација да лажат околу банкнота од 100 долари.

Та-да! Испитаниците од групата „лидери“ многу подобро и поубедливо лажеле дека не ја украле парата, додека „подредените“ биле под стрес, пелтечеле и оддавале впечаток дека се виновни. Да појасниме, ова е во контекст на самодовербата што ја предизвикува големата канцеларија.

Ама тоа не е најлошото. Покрај фактот што овие не биле вистински директори/лидери, најголемото изненадување е што кај нив е забележано и задоволство во моментот додека лажеле и мамеле. Заклучокот е дека таа мала моќ што ја добиле во форма на фиктивна лидерска титула и поголема канцеларија, е доволна за овие луѓе да почнат да мислат дека моралот не важи и за нив.

Моќта и лицемерието се поврзани

И тоа во мозокот. Затоа на стереотипните директори им успева да уживаат во раскош додека ги малтретираат своите вработени заради тоа што трошеле „многу“ тоалетна хартија. Или затоа некои крадат без усул, а во јавноста се претставуваат како да се сите светци во едно.

Истражувачите од универзитетот Тилбург од Холандија, експериментално докажаа дека нашиот мозок има двојни стандарди.

И во овој експеримент, на испитаниците им се доделени различни улоги, со тоа што овој пат само требало да замислат дека се моќни и подоцна да одговорат на неколку прашања поврзани со однесувањето. Погодувате? И самото тоа што некој им рекол дека се важни луѓе, било доволно за по неколку часа овие луѓе да почнат пофлексибилно (во негативна смисла) да ги доживуваат општествените норми. Конкретно, биле спремни да ги прилагодат правилата во своја корист, а на штета на другите.

Експериментот открил и друга страна: луѓето на кои им било кажано дека немаат моќ, повеќе се сомневале во себе и своите способности, а со самото тоа, повеќе им верувале на оние кои „веќе ја имале моќта“. Што ќе рече една изрека: „Како ќе те залула колевката, така ќе те закопа лопатата“.

Успехот заслепува

Моќта, успехот и славата прават да мислите дека сте непобедливи.

Научниците од Стенфорд востановија дека дури и краткотрајниот успех е доволен за луѓето потполно да го изгубат компасот. Поточно, да го преценат своето знаење и способност.

Исто така, моќта прави и луѓето да го гледаат светот попозитивен отколку што навистина е, во смисла на тоа дека се пооптимистични и поспремни на огромни ризици.

Во суштина, сé ова укажува на тоа дека успешните и моќните се главно самозадоволни имбецили кои носат ирационални и често глупи одлуки. А сите други, пак, слепо ги следат, мислејќи дека не се доволно вредни.

- Реклама -