Зошто толку кинески ресторани во Америка?

New-York-Chinatown-USA-street-restaurants-cars-people_1920x1080[1]

Во САД има повеќе од 44.000 кинески ресторани. Сте виделе по филмовите, практично секој кварт има барем по еден. Стварно ли толку многу сакаат да готват ова Азијативе?

Кога човек ќе размисли околу тој факт, прво на ум му паѓаат ветувањата за добар живот во Америка, Америка како „земја на можностите“ и земја што е еднаква за сите. А всушност, големиот подем на азиски ресторани во САД беше предизвикан токму од спротивното – расизам и ксенофобија (страв од странци).

Анти-кинеското расположение владееше во Америка во раниот 20-ти век, а беше присутно уште од средината на 19-от, кога околу 300.000 кинески рудари, фармери, железничаки и фабрикантски работници дојдоа во САД. Многу од американските работници чувствуваа закана од големото проширување на пазарот на трудот, особено што Кинезите беа подготвени да работат за многу помали плати.

Општествената тензија растеше, па владата на САД донесе миграциони закони со кои отворено им забрани на кинеските имигранти да станат државјани на САД, а дури и им ја отежна работата на оние што легално престојуваа во земјата, правејќи го практично невозможно враќањето во САД – по евентуалната посета на родната земја – Кина.

Сепак, имаше важен исклучок од правилата: Кинезите кои имаа сопствени бизниси во САД, можеа да добијат специјални трговски визи, кои им овозможуваа да патуваат во Кина и да донесат вработени. Само неколку типови бизниси се квалификуваа за таквиот статус, а во 1915-та, федералниот суд ги додаде и рестораните на листата. Та-да! Ресторантскиот бум започна.

119465-full[1]Бројот на кинески ресторани во САД се дуплираше во периодот од 1910 до 1920, за пак да се дуплира од 1920 до 1930 година. Само во Њујорк Сити, бројот на кинески ресторани се зголеми за 4 пати, во периодот од 1910 до 1920. Архивите сведочат наезда на апликации за трговска виза, од страна на кинеските имигранти, меѓу кои во голем дел и од оние кои биле донесени за да работат во првите кинески ресторани.

Пред ресторантскиот бум, најголемиот дел од Кинезите во САД работеле во перални – биле маргинализирани од работните места со подобра плата. Веќе во 1930-та, мнозинството работело во угостителство.

Пред заминувањето на 20-от век, евтините цени на кинеската храна и долгото работно време на кинеските ресторани почнале да стануваат мошне примамливи за Американците.

Првично, најголем дел од имигрантите во САД биле мажи кои дошле сами; тие биле таму за да заработат доволно пари за да ги издржуваат своите семејства дома, во Кина. Посетата на блиските кои останале преку океанот едвај и да постоела како опција, што заради трошоците, што заради гореспоменатите закони. По 1915, трговската виза станала мост за овие мажи да ги повлечат и своите семејства и пријатели во САД.

Додуша, добивањето на специјална трговска виза било далеку од лесно. Само големите инвеститори во елитни ресторани успевале да се квалификуваат, притоа под услов да го менаџираат ресторанот барем една година. Тоа значело дека тие лично не смееле да работат „теренска работа“, како послужување, готвење или наплата на каса.

marc_chinese_food_820a[1]Кинеските имигранти ја терале македонската – се снаоѓале како знаеле и умееле: Ќе ги собереле сите свои пари на куп, ќе инвестирале во луксузен кинески ресторан, а потоа се менувале на позицијата на менаџер: секој инвеститор ќе раководел со ресторанот по година или година и пол, а кога секој од нив ќе добиел статус на трговец, тие ги повлекувале роднините и пријателите да работат во нивниот ресторан.

За да им успее трикот, кинеските ресторани морале тесно да соработуваат со „бели“ (од американско потекло) снабдувачи. Секој Кинез морал да обезбеди барем двајца сведоци од американско потекло, за да ја поддржат неговата апликација за виза. Ова воглавно работело на принципот услуга-за-услуга (да де, пак македонската): Кинезите обично ги поткупувале, им плаќале поскапо за добавените продукти, или едноставно склучувале (неофицијални) договори за соработка со кои одредени добавувачи добивале предност пред конкурентите. Архивите го потврдуваат тоа: едни исти добавувачи се сретнуваат како сведоци во многу случаи на имигрантски апликации.

Сето ова е сосема поинаква приказна од таа што ја знаат Американците денес, што отприлика гласи „Америка, сонце, пари, ливади, пеперутки, сé е убаво“. Кинезите емигрираат и ден денес, од истите причини, да заработат парче леб, па да ги повлечат своите семејства во Америка, додуша сега со помалку рестрикции.

- Реклама -