Зошто светот премолчи за Ал Акса: Вистината за „џамијата што гореше истовремено со Нотр Дам“

Да, Западот знае да е лицемерен и да има двојни аршини за случувањата и особено тpaгeдиите, во зависно од тоа на кој дел од планетата се одвиваат. Но во понеделникот вечерта тоа не беше случај, иако многумина ги обвинија западните медиуми за премолчување на безмалку подеднаква голема трагедија што го снајде „третото најголемо муслиманско светилиште“ во светот – пожарот „во“ џамијата Ал Акса во Ерусалим.

Во корелација со Нотр Дам веста за Ал Акса прв ја доведе „Newsweek“, но штом прочитате и видите што се случило, веднаш станува јасно дека се работи за чист сензационализам. Сензационализам кој потоа беше споделуван и објавуван од разни мотиви – главно кликови, но и за политички поени, културолошки и верски препукувања, обид да се украде дел од вниманието, да се обвини Западот, да се демонстрира наводно лицемерие кон муслиманите, или едноставно, да се привлечат коментари од типот „ете, Господ нè казнува и едните и другите“. Сепак горат два многу значајни верски објекти, нели?

Само што, во реалноста, пожарот во Ал Акса не бил ни одблизу сериозен како тој во Нотр Дам и сосема логично е да не се најде меѓу светските вести истовремено со тоа што се случуваше со катедралата во Париз. Локална вест, да, но не и светска. Особено што пожарот се случувал во комплексот од кој џамијата Ал Акса е само дел, а не во/на џамијата.

Еве, на пример, што пишува „Ерусалим Пост“, повикувајќи се на Палестинската новинска агенција (Wafa):

Пожарот избил на Temple Mount, во собата на чуварот на надворешната страна над таванот на собата за молење Marwani Prayer Hall, позната и како Solomon’s Stables, која е лоцирана на основата на аголот на Temple Mount каде се спојуваат Јужниот и Источниот ѕид, во близина на скалите кои водат до џамијата Ал Акса. Со други зборови, во дворот на локалитетот. Постојат сомневања дека пожарот го предизвикале деца што си играле. Пожарникарите брзо го изгасиле пожарот, а притоа немало пoвpeдени, ниту пак некаква внатрешна штета.

 

Освен тоа, Marwani Prayer Hall (т.е. Solomon’s Stables) e формирана во 1996 година, и тоа, според напис во „The Times of Israel“, со илегално копање од страна на „Waqf“ – телото кое раководи со локалитетот, при што се смета дека биле уништени бројни непроценливи еврејски артефакти. Со други зборови, еврејскиот локалитет Solomon Stables бил претворен во џамијата Marwani.

Во секој случај, повелете мапа од локалитетот. Погледнете каде е џамијата (Al Aqsa Mosque, кај влезот), a каде се Solomon’s Stables (сосема во десниот агол). Ете затоа пожарот не беше светска вест и не треба да се поврзува со Нотр Дам. Сè друго е сензационализам и борба за кликови, агенди или незаинтересираност за проверка на фактите.

- Реклама -