Ако одиме по аналогијата дека кога имаш главоболка секоја секунда се чини како вечност, ќе изведеме дека памукот во шишињата со аспирин, на пример, е ништо друго освен дополнително страдање. А што бара памукот таму, всушност?
Ќе го земеме примерот со Aspirin и неговиот производител, фармацевтската куќа Bayer. Bayer почна да става памук некаде во раниот 20-ти век. Тогаш намената му беше едноставна – да го пополни просторот за да спречи апчињата да се претураат и да се ронат при ударите. Тогаш апчињата беа попрашкасти, па ова сосема имаше логика.
Арно ама, уште од 1980-тите Bayer ја има имплементирано фармацевтската иновација наречена „coated“ (т.е. обвиени) таблети; веќе не е важно дали пилулите ќе се удираат од ѕидовите на шишето, бидејќи се прекриени со специјална обвивка која го спречува ронењето и дезинтеграцијата.
Тука стигнуваме до глупото. Поради навиката стекната со децении, до ден денес потрошувачите очекуваат во шишињата со лекови да има памук. Не само што очекуваат, туку веруваат и дека памукот ги чува апчињата „здрави“, а уште поважно – дека памукот е знак дека никој не правел ујдурми со шишето, т.е. апчињата не се фалсификат. Иако трендот умира, ваквите верувања на потрошувачите се токму причината што Bayer и другите компании толку долго ставаа (а некои и уште ставаат) памук во шишињата.
Во реалноста, пак, националните здравствени институти препорачуваат да нема памук, бидејќи се покажало дека памукот всушност привлекува влага ВО шишињата.
А има и уште една тајна: Не само што памукот во шишињата со лекови не е неопходен, туку веројатно веќе не е ни памук. Според датабазата на Drug Information и Side Effects, најчесто се прави од вискоза и полиестер.