Зошто СССР не испрати човек на Месечина?

Пред речиси половина век, во 1969 година, Нил Армстронг направи „мал чекор за човекот, но голем за човештвото“. Ова беа зборовите со кои беше објавена победата на Америка во трката за лет на Месечината. СССР претрпе пораз поради ограниченото финансирање и несогласувањата на главните конструктори на вселенските бродови.

На почетокот на шеесеттите години од минатиот век Советскиот Сојуз со право се сметаше за шампион во областа на истражувањето на космосот. ССССР успешно го лансираше првиот сателит (Спутник, 1957 година) и го испрати првиот човек во вселената (Јуриј Гагарин во вселенската капсула „Восток 1„, 12 април 1961 година).

САД очајнички се трудеа да не заостанат во оваа трка. Американскиот претседател Џон Ф. Кенеди само 43 дена по летот на Гагарин објави дека главната цел на неговата земја е во текот на следната деценија Американците во пилотиран вселенски брод да се спуштат на Месечината. Така помеѓу двете светски суперсили започна нова вселенска сила, во која Вашингтон ќе победи во 1969 година. Зошто Советите претрпеа пораз?

Хаос во власта

Никита Хрушчов, кој од 1953 до 1964 година раководеше со Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, беше познат како импулсивен и непредвидлив човек. Таков бил и кога станува збор за програмата за лет на Месечината. Во разговор со Сергеј Корољов, водечки советски инженер и конструктор на космички апарати, најзаслужен за лансирањето на „Спутник“ и на „Восток“, Хрушчов му рекол дека државата нема пари за ‘Месечинската програма’.

По само една година (1964) Хрушчов му рекол на Корољов нешто сосема спротивно: „Нема да им ја дадеме Месечината на Американците! Земете ги сите ресурси што ви се потребни!“

Но, наместо да воспостават директна врска помеѓу владата и научникот, советските власти започнаа истовремено два конкурентски конструкторски програми за ракети за лет и спуштање на Месечината. На чело на едната програма беше Корољов, а другиот го предводеше Валериј Челомеј.

Според Алексеј Леонов, астронаут кој работел со Корољов и првиот човек кој има излезено во отворениот космос, ваквиот пристап бил осуден на неуспех. „Ривалството помеѓу Корољов и Челомеј и нивните многу комплицирани односи нанесоа штета на нашата работа“, изјави тој во 2010 година за весникот „Комсомољскаја правда“.

Со него се сложува и Борис Черток, конструктор на ракети кој исто така работел со Корољов. Тој во мемоарите под наслов „Ракетите и луѓето“ пишува дека Корољов поради критика од страна на конкурентите бил принуден да го поедностави својот проект (ракетата Н-1) и да ги намали трошоците.

Излегува дека тоа бил погрешен потег. „Месечинската програма“ набрзо остана без клучните фигури. Хрушчов во 1964 година е тргнат од власт, а што е уште поважно, Корољов умира во 1966 година. „За нас астронаутите тоа беше речиси исто како крај на светот“, се сеќава Леонов. Според него, по смртта на Корољов властите почнале да ја игнорираат „Месечинската програма“.

Постоеле и други цели

Како што пишува Черток во својата книга, за време на шеесеттите години од минатиот век тензијата помеѓу САД и СССР била многу силна, светот бил на прагот на нуклеарна војна. По успехот на Гагарин Советскиот Сојуз предничеше во космичката трка, но излезе дека Вашингтон поседува повеќе оружје. СССР беше принуден да преземе нешто во врска со ова прашање, и поради тоа советските власти издвојуваа сè повеќе пaри за производство на оружје (и за време на Хрушчов и подоцна), и тоа за сметка на космичката програма.

Поради тоа СССР заостана зад Америка во врска со космичките технологии. Американската ракета „Saturn V“ која во 1969 година го исфрли Аполо 11 во космосот, можеше да носи 140 тони, додека советската ракета Н-1, која ја создадоа Корољов и неговите наследници, имала носивост од само 75 тони. Покрај тоа, Американците како гориво користеле течен водород, а тој ослободува многу поголема енергија за разлика од керозинот што го користеле Советите.

Не е ни чудо што сите четири пробни лансирања на советските ракети биле неуспешни. Кога станува збор за Американците, тие се спуштија на Месечината на 20 јули 1969 година. Нил Армстронг и Баз Олдрин беа првите луѓе на Месечината. Кремљ дошол до заклучок дека нема никаква смислма да се трошат пари за „Месечинската програма“ каде Вашингтон веќе победил во трката.

Од друга страна, како што наведува Черток во својата книга, ова штедење им помогнало на Советите во 1980 година да обезбедат стратешки нуклеарен паритет, но тоа е друга приказна, за друга пригода.

Извор

- Реклама -