Како што и самите добро знаете, на одредени мириси сме почувствителни отколку на други. На пример, азотот – нашето сетило за мирис не го распознава. Но азотот сочинува 78% од воздухот кој и онака го дишиме. Со други зборови, баш и немаме потреба да го распознаваме.
Од друга страна, да зборуваме за прдежите. Прдежите ве тераат веднаш да го затнете носот или да го напуштите „местото на настанот“, некогаш и со насолзени очи. Зошто толку драма?
Една од важните активни состојки на мирисот на прдежите е хидроген сулфид. Хидроген сулфидот е безбоен гас со карактеристично лош мирис – оној на расипани јајца. Но исто така е и екстремно смртоносен – еден од најсмртоносните гасови кои постојат. Згора на тоа е и корозивен и запалив.
Хидроген сулфидот доаѓа во прдежот преку дигестивната активност на анаеробните микроби што ги имаме во долните црева, каде што нема кислород. Самиот процес се нарекува анаеробна дигестија бидејќи се работи токму за разградување на органска материја во услови на отсуство на кислород (што е и буквалното значење на „анаеробно“). Хидроген сулфидот е еден од нуспродуктите при ова разградување. Затоа го има и кај мочуриштата и во канализацијата. Го има и во вулканските гасови, природните гасови, а и некои „извори“ на бунарска вода.
Научниците сметаат дека постоел (и може да постои) период на Земјата кога запреле океанските струи. Океанските струи, освен што ја движат водата хоризонтално, ја „претураат“ и вертикално, од површината кон дното. Во нивно отсуство, кислородот од површинските слоеви на водата не може да навлезе во длабочините, па таму веќе не може да постои никаква животна форма базирана на кислород. Е тогаш, дефинитивно ќе нема риби, но ќе „цветаат“ анаеробните организми. А кога виреат анаеробните организми, ослободуваат гасови. А еден од тие гасови, како што рековме, е хидроген сулфидот. При голема количина, излегувајќи на површината на океанот како џиновски меур, би го преплавил брегот со смрдеа на прдеж. Всушност, замислете го баш така, како џиновски прдеж. Кога некој би се нашол на брегот и не би избегал од смрдеата (поточно, од гасот), едноставно би умрел.
Токму тука прстите ги вмешува еволуцијата. Ако, да речеме, се роди некој кому мирисот на хидроген сулфид му се допаѓа, и тој некој земе да вдишува поголеми количини од истиот (отколку во еден прдеж), за кратко време ќе заврши мртов. Токму тоа е и начинот на кој функционира еволуцијата – го пресекува опстанокот на гените кои сакаат таков мирис (а не прави тој некој да се адаптира на гасот и да го преживее неговото дејство). Токму затоа сме ние тие што се живи – бидејќи еволуирале нашите гени, кои кога некој добро ќе се испрди, недвосмислено ни диктираат „Бегај, спасувај се!“.
Патем, едно од можните сценарија од глобалното загревање е запирање на океанските струи. Па сега вие видете си.