„Почитувани граѓани, се потврдува дека не се сите исти“, порача портпаролот на СДСМ – Костадин Костадинов на денешната прес-конференција за медиумите, кој ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски за молк околу непотизмот што, според него и СДСМ, токму ВМРО-ДПМНЕ го создало низ годините наназад.
„Од една страна СДСМ бара и нуди решенија против непотизам и партизација, се случија и повлекувања на роднини на функцинери од работни места, од морални и етички причини. Од друга страна молк во ВМРО-ДПМНЕ. Молчат оние што го создадоа непотизмот низ годините наназад, кои ја наполнија администрацијата и создадоа партиски и роднински јазли.
Мицкоски молчи, не го повика својот братучед да се повлече од работното место во ЕЛЕМ турс. Не ги повика ниту снаата, вујкото, братучедот, братучедтката и зетот на Милошоски да се повлечат од работните места во администрацијата“, обвини Костадинов, порачувајќи дека молкот во „скапоцениот дворец на ВМРО-ДПМНЕ“ мора да прекине.
Костадинов обвини дека Мицкоски и Милошоски не се единствените чии роднини се платени со парите на граѓаните, а за уште еден пример од низата го посочи пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, речиси сите поблиски роднини на Стевананџија се вработени во државни институции:
• Сопругата на пратеникот Димитар Стевананџија, Јулија Стевананџија е вработена во здравствениот дом во Прилеп.
• Марија Адамческа, сестра на Стевананџија е вработена во Центарот за јавно здравје во Прилеп.
• Неговиот вујко, Јоска Матески, е вработен во Апелациониот суд во Битола.
• Тетката на Стевананџија, Соња Костоска, е вработена во Основниот суд во Прилеп.
• Неговата братучедка Емилија Матеска пак е вработена на Универзитетот Климент Охридски во Битола.
„Ајде Мицкоски, не молчи , повикај против непотизам! Покажи дали имаш образ! Тргни од себе Мицкоски, повикај да се повлечат твоите роднини. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски и Стевананџија нека ги повлечат своите роднини од државниот сектор. Време е да почне повлекувањето на роднините на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, во име на борбата против непотизмот“, порачуваат од СДСМ.