Зошто парижани одбиваат да спијат?

Nuit Debout à Metz

Во последните неколку недели, во Париз се случува нешто мошне невообичаено. Вооружените полициски патроли (околу 1000 полицајци) за анти-тероризам по улиците на градот не спаѓаат во таа дефиниција; не, станува збор за нешто друго – новото движење „Nuit Debout” („на нозе цела ноќ“). Ова движење собира стотици млади лица на вечерни дебати на најживата транспортна, социјална и туристичка точка на градот – Плоштадот на републиката.

Неспиење и целовечерни разговори

Од правата на жените – па до уставните реформи, парижани самоиницијативно водат општествена дебата на секакви теми, а потоа гласаат со кревање на рака. Засега работите се на ниво на аматерска директна демократија под мотото „Моќта на имагинацијата“, иако платформата (создадена од режисерот Франсоа Рафин)  дефинитивно има надежи за голема политичка иднина.

„Немаме точно одредена цел, само сакаме да ја преземеме дебатата за најважните работи во свои раце, бидејќи владата и синдикатите ни ја одземаат“, коментира еден 27-годишен студент. Некои негови истомисленици сметаат дека граѓанското движење Nuit Debout треба да ги постави своите барања и директно до владата (вообичаена пракса во Франција), но дури откако ќе ги искристализира.

Други предвидуваат трансформирање на Nuit Debout во политичка сила која ќе се појави на избори и ќе добие законска застапеност, како што направи „Подемос“ во Шпанија. Досега неколку политичари од левото крило, меѓу кои и неуспешниот кандидат за претседател Жан-Лук Меланшон, се обидоа исто така да стојат будни цела ноќ, но не беа пречекани со цвеќиња, напротив.

618x410[1]

Оланд е во дилема

Дали да бидат гонети, или да бидат оставени на плоштадот? Прашањето е комплексно, бидејќи тоа главно се луѓе со левичарски идеи и истакнат интерес за социјални проблеми. Со други зборови, Оланд има политички интерес кон оваа група. Не е случајно што сето тоа започна со отпор против промените во трудовото законодавство, претставени од социјалистичката влада.

Од друга страна, сé уште се во сила вонредните мерки за безбедност по терористичките напади од ноември минатата година, па властите имаат право да ги забранат сите јавни собири.

Немири и ноќни кошмари

618x345[1]Последните денови, добриот тон на плоштадот бешее нарушен. Во реонот дејствуваат неколку радикални левичарски групи, кои во претходните денови извршија грабежи во неколку продавници, запалија автомобили и се обидоа да ја опкружат Елисејската палата и домот на премиерот Мануел Валс, кој се наоѓа недалеку од плоштадот.

Сé уште свежа е полициската операција за отстранување на демонстрантите, при која беше користен и солзавец. Според француските телевизиски канали, на соседните улици кои водат кон плоштадот, се појавиле судири меѓу радикални демонстранти и полицијата. Провокатори меѓу радикалите фрлале шишиња и камења против спроведувачите на редот. Од почетокот на настаните на плоштадот на 31 март, досега биле повредени 151 француски полицајци.

Меко задушување

Другиот излез за Оланд е да ги задоволи барањата на „Будните“, со што би ја спречил експанзијата  на движењето уште додека е во развој.

Така беа изгаснати студентските протести – Владата вети 500 милиони евра субвенции за вработување на млади и неквалификувани работници. Следуваше туш и за незадоволството во јавниот сектор, чии плати беа замрзнати како дел од антикризните мерки – со ветувања за 2 милијарди евра.

Nuit Debout, пак, немаат конкретни барања, затоа владата се понуди да им предложи легализација на марихуаната. „Будните“ отворено се изнасмеаја на таквиот предлог на министерот Жан-Мари ле Гвен и ја опишаа како „обид за политички поткуп“.

Сабајлечки мамурлук, ама од дебати за подобра иднина.
Сабајлечки мамурлук, ама од дебати за подобра иднина.

Наивни?

За 16 дена, откако постои, движењето постојано демонстрира издржливост. Луѓето не се исплашија од дождовите и продолжија да го посетуваат плоштадот. Тие се самоорганизирани, носат храна, тенди, шатори, а следното утро сето тоа се прибира тивко и плоштадот го враќа препознатливиот изглед.

Аналитичарите ги опишауваат како утописти и „разгалени богати деца“, кои фантазираат за невозможни нешта. Критичарите прашуваат зошто на плоштадот не доаѓаат луѓе од предградијата – обесправени имигранти муслимани.

Според аналитичарите, Nuit Debout не е феномен, туку едноставно олицетворение на една карактеристична навика на Французите – да зборуваат отворено за политика, да имаат свој став и во крајна сметка да сонуваат нивната земја да оди кон подобро.

- Реклама -