Зошто нé привлекува дистописката научна фантастика?

Темната и песимистичка научна фантастика често се базира на сценарија кои се вртат околу тиранија, морален распад, па дури и целосен општествен колапс – примери имаме колку сакате, од константниот надзор на „Големиот брат“ во „1984“, па до Hunger Games трилогијата.

Колку и да се исполнети со студенило и безнадеж, овие приказни ги пленат и читателите, и писателите, со декади наназад. Што ги тера авторите да замислуваат вакви срушени светови, и зошто нивните „визии“ се толку популарни кај читателите?

На 6-ти октомври, на њујоршкиот Comic Con (саем на стрипови), се одржа панел дискусија на која се зборуваше за нашата врска со дистописката научна фантастика и околу тоа што хероите во овие футуристички деградирани средини можат да ни кажат за светот денес, и пред сé, за нас самите.

Некои од авторите, преку дистописката научна фантастика ги изразуваат своите сопствени стравови околу тоа како иднината може да отиде во ужасно непосакуван и погрешен правец, објасни панелистката Лорен Оливер. Но од друга страна, вели таа, овој жанр им овозможува да укажат на современи проблеми со кои инаку би било непријатно да се соочиме. Во нејзината книга „Ringer“, на пример, Оливер користи сиже кое се одвива околу клонирањето, а цел ѝ е да ја адресира темата на нееднаквоста и да укаже како на некои луѓе во општеството се гледа како на потрошна роба (Лорен го користи изразот „expendable“). Тоа е сериозен проблем со кој се соочуваме и денес, вели авторката.

Друг адут на дистописката научна фантастика е што може да претстави тешки теми, како климатските промени, на позабавен, помалку сувопарен и помалку попувачки начин, вели панелистот Паоло Бацигалупи. Кога читачот сретнува карактер кој се труди да преживее на брег кој е променет поради подигнувањето на нивото на морето, или карактер кој се бори со ураган од шеста категорија, приказната резонира со читачот затоа што ги рефлектира околностите кои веќе се случуваат околу нас, вели тој. Скорешните урагани како Харви, Ирма и Марија, веќе ја зголемија загриженоста од посилни бури во иднина. „Фикцијата ти овозможува да зборуваш за нешто што сé уште не се случило, но се движиме натаму“, заклучува Паоло.

Сцена од The Road (2009).

Да се најдеш на момент во песимистичка иднина може да биде и неочекувано катарзично искуство, вели Д. Нолан Кларк, бидејќи читачот знае дека колку и да е застрашувачки тој свет, тој може инстантно да го остави зад себе со едноставно затворање на книгата. Читачот може да го доживее размерот на анксиозноста и немирот, но исто така постои и чувство на олеснување и безбедност кога ќе ја остави книгата – нешто што во реалниот живот ретко е возможно, нагласува Кларк.

Дистописката фикција исто така претставува и простор во кој читателите можат безбедно да се соочат со вознемирувачките ситуации на еден несигурен и злонамерен свет, вели панелистот Скот Реинтген. А да се гледаат протагонистите како носат тешки одлуки и храбро се справуваат со екстремно непријатни предизвици, овозможува зрак на надеж дека доброто сепак може да победи, дури и кога сé изгледа безнадежно, додава Кларк.

Ајви (Натали Портман) во „V for Vendetta“

„Многу од нас во денешно време се чувствуваат како да немаат воопшто контрола врз нашите животи. Кога читаш за некој што ќе се исправи и ќе се спротивстави, во тој протагонист наоѓаш некој вид на херојски модел. Самото тоа да се исправиш и да возвратиш на авторитет, макар и со најпискав глас – самиот акт е херојски“, рече Кларк пред публиката.

Да се види дека делата на индивидуата значат, и дека дури и некој што на почетокот на приказната изгледа немоќно може да стане храбар, и притоа драматично да ги промени нештата за себе и за другите, е особено важно за младите читатели, вели Лорен. „Децата се плашат дека под креветот имаат чудовишта, а не добри вили. Мора да им овозможите начини да замислат светови во кои можат да бидат храбри, да прават добри избори и да носат правилни одлуки. Книга што ќе го постигне тоа е добра книга“, заклучува панелистката.

https://youtu.be/ZF7i2n5NXLo

- Реклама -